Светиот маченик Конон Исавриски
Во Христовата вера беше поучен и крстен во името на Пресвета Троица од самиот Архангел Михаил. Овој Божји Архистратиг го придружуваше сѐ до неговата маченичка смрт. Бидејќи беше просветлен и зајакнат од благодатта на Светиот Дух, срцето не го влечеше за ништо од светот но само кон духовното и небесното. Кога родителите насилно го оженија, првата вечер тој зеде свеќа, ја стави под поклопец и ѝ рече на својата жена: „Што е подобро, светлината или темнината?“ Таа рече: „Светлината“. Тогаш тој почна да ѝ зборува за верата во Христа и за духовниот живот како подобар и поубав од телесниот. Вака успеа и нејзе, а потоа и своите родители да ги приведе кон Христовата вера. Па тој и жена му живееја како брат и сестра. Набрзо му умреа родителите и жената, а тој наполно се повлече од светскиот живот и се предаде на молитва, пост и богомислие. Изврши големи чуда со кои мнозина ги обрати кон христијанство. Меѓу другото, ги принуди злите духови да му служат. При едно гонење беше фатен и мачен и сиот го избодија со ножеви. Со неговата крв се мачкаа болните и се исцелуваа. По ова поживеа уште две години во својот град и се престави кај Господ. Овој прекрасен светител живееше и пострада во 2 век.
Преподобен Марко Подвижник
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.