Селекторот Ангеловски го објави списокот за натпреварите против Словенија и Бугарија

Селекторот на македонската А репрезентација Игор Ангеловски го објави списокот на фудбалери за претстојните два контролни натпревари со Словенија во Копер на 23 март и Бугарија на 29 март на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. На списокот на Ангеловски се наоѓаат 18 играчи, но предводникот на нашиот национален тим може да го дополни за втората пресметка против Бугарија.

SpisokIgraci_03_2016

„Горан Пандев ќе биде предводник на селекцијата и тоа е најдобрата вест за македонскиот фудбал. Повратници во тимот се Адис Јаховиќ, како и Мартин Богатинов и Јован Костовски. Имаме проблеми со голманите, Давид Митов е повреден, а во составот се Столе Димитриевски и Мартин Богатинов, кој стандардно брани на Кипар. Приоритет е фудбалерите да се стандардни. Сите што се повикани се стандардни, освен Александар Трајковски кој игра во врвна лига, во тимот сменија многу тренери, но очекувам да се наметне. Проблем е и повредата на Мојсов, кој не може да помогне на овие натпревари“, – вели Ангеловски.

Селекторот на Македонија посочи дека резултатите на тимот се најважни иако Словенија и Бугарија се исклучително квалитетни селекции.

„Резултатот е најбитен, иако е пријателски натпревар. Словенија и Бугарија се исклучително квалитетни селекции, ние и понатаму ќе настојуваме да играме со квалитетни противници, се со цел подготвени да бидеме за квалификации. Селекторот на Словенија, Катанец во составот има нови играчи, шест дебитанти, но квалитетни фудбалери. Имаат голем избор, фудбалери кои играат во врвни лиги, Италија, Шпанија, Германија. До последен момент беа во игра за ЕП, тоа јасно говори за каков противник се работи“, – додаде Ангеловски.

Во однос на написите кои се појавија за евентуалниот повик за Дејан Трајковски, селекторот на Македонија беше одлучен.

„Макeдонија за никој нема да биде резервна опција. Ако словенечката репрезентација е приоритет за Дејан Трајковски и ако добие повик од Словенија, нека го прифати. Точно е дека го следев неговиот настап за Домжале, а потоа имавме краток разговор, но далеку од вистината е дека му ветив место во нашиот состав или дека широко ќе ги отвораме вратите за фудбалери за кој нашиот дрес е „резервен“,“ – заврши Ангеловски.

Собирот на селекцијата е во понеделник во Порторож, репрезентацијата ќе тренира два пати во пресред на пресметката.