По повод мултинационалната апликација за впишување на Пролетното прославување: Хидрелез (Ѓурѓовден) во Република Македонија и во Република Турција во Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, државниот секретар во Министерството за култура на РМ Бехиџудин Шехапи и генералниот директор на Директоратот за образование и истражување при Министерството за култура и туризам на Турција во Анкара го потпишаа изготвениот документ на кој работеа експертите за нематеријално културно наследство од двете земји.
Станува збор за комплексен процес при изготвување на вакво досие, но впишувањето на овој елемент во листата на УНЕСКО ќе биде од големо значење за промоција на културата и традицијата, како и за продлабочување на добрите културни релации меѓу Македонија и Турција.
Двете страни се согласија дека наредното досие што треба да се подготви се однесува на пеливанството, како заедничка историска вредност, за кое и во двете земји се организираат разни настани и манифестации.