Вчера во рамките на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието на Министерството за образование и УСАИД, учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, ја возвратија посетата на учениците од ОСУ „Ибрахим Темо“ од Струга. При посетата беше одржан отворен час на тема „Ние и космосот“, кој го подготвија учениците од Охрид. На отворениот час, преку презентација изработена од страна на учениците, беа прикажани научни факти и теории, кои ги поврзуваат математиката, физиката и географијата во една од најстарите науки – астрономија.
Дел од теориите кои што беа прикажани, беа и теориите за смртта на планетатаЗемја. Иако постојат неколку, најверојатно е дека човек ќе ја уништи Земјата. Со тоа, во рамки со денот на екологијата, учениците го поставија прашањето, дали доволно се грижиме за она што го имаме? Некои делови од презентацијата, гимназиските ученици се потрудија да ги презентираат на турски и албански јазик.
При посетата беше посетен и Природно – научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ каде што учениците имаа можност да го разгледаат биодиверзитетот кој што некогаш и сега постои во Охридско-струшкиот регион. Посетата беше заокружена со прошетка по кејот на Црн Дрим, каде што учениците беа запознаени со истекувањето на реката Црн Дрим. Во реализацијата на активноста учествуваа менторот на отворениот час проф. по географија Менка Ѓореска, психологот Алберта Гулицовска и проф. по физика Јасмина Јанева.