Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на приемот што го приреди шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, амбасадорот Харис Лалакос, по повод 25 март – Националниот празник на Република Грција. На приемот приреден во Канцеларијата за врски на Грција, покрај македонскиот претседател, присуствуваа и политичари, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени, претставници на медиумите.
Претседателот Иванов испрати честитка до грчкиот претседател Прокопис Павлопулос по повод Националниот празник на Република Грција, во која упати честитки и желби за просперитет на Грција и благосостојба на нејзините граѓани, од негово име и од име на граѓаните на Македонија.
Во честитката, претседателот Иванов порача дека градењето на добрососедските односи, регионалната стабилност и соработка, интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија.
„Дозволете ми повторно да ја истакнам нашата силна посветеност за унапредување на добрососедските односи и дијалог со Вашата земја, како и да ја пренесам мојата силна порака дека, со заеднички заложби и соработка, можеме да создадеме позитивна клима на заемна доверба и почит, со што ќе осигуриме просперитетна иднина за нашите граѓани. Господине Претседателе, во овие тешки денови кога нашиот регион и цела Европа се соочува со бегалската криза која може да влијае на стабилноста на двете земји, верувам дека е потребна тесна соработка меѓу нашите земји и народи повеќе од кога било досега”, пишува во честитката од македонскиот до грчкиот претседател.