Врвни спортски имиња ќе ги тренираат учениците од Спортската академија

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска ја посети Спортската академија каде започна проектот “Гости тренери“, односно процесот за одржување тренинзи на еминентни имиња од областа на фудбалот, ракометот, кошарката и тенисот со учениците од академијата во која настава следат 779 ученици, вклучително и дисперзираните паралелки во девет градови.

Ристовски присуствуваше на тренинг на учениците од ракометната паралелка, предводен од ракометниот тренер и стратег Лино Червар.

„Почнавме со господинот Лино Червар за што сум му и лично благодарен, бидејќи станува збор за една од најмаркантните личности не само на македонскиот, туку и меѓународниот ракомет“, изјави Ристовски.

Со ова, посочи тој, ние како министерство покажуваме дека оваа Спортска академија треба да се издигне на едно повисоко ниво, а многу битен елемент, освен тоа да имаме квалитетни спортисти и потенцијални репрезентативци, е и квалитетот на нивното образование.

Заменик министерот, за време на посетата на Спортската академија, најави дека наскоро треба да излезе и новиот конкурс за селекција и уписи за учебната 2016/2017 година и ги повика сите талентирани ученици од основно образование кои имаат афинитети кон фудбал, кошарка, ракомет или тенис да ги разгледаат можностите на Спортската академија.

Лино Червар по тренингот рече дека му претставува задоволство што е тука и што може да види дека се инвестира во спортот и најмладите.

„Сметам дека тоа е вистинскиот пат. Секогаш кажувам дека инвестицијата во децата е најголема инвестиција. Ова претставува еден голем чекор што го направи Македонија и го препозна она што е денеска важно“, рече Червар.

Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски рече дека академијата се труди да ги поддржи талентираните спортисти во нивниот спортски и академски развој.

„Драго ми е што проектот „Гости тренери” започна со еден од најголемите стручњаци во ракометот на светско ниво. Би сакал да ги најавам Индира Кастратовиќ, Марин Докузовски, селекторот на фудбалската репрезентација, а понатаму се надевам да донесеме и гости од странство“, изјави Јовановски.