Денеска пред Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, на расправа е предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Во меѓувреме, охридската локална власт го финализираше Планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид.
Планот е работен во рамките на проектот „Изработка на план за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид“ , финансиран од Програмата за децентрализирана соработка помеѓу француската провинција Долна Нормандија и Македонија, преку Асоцијацијата на агенции за локална демократија и Општина Каен.
Според предвидените процедури, оцена и одобрување на планот треба да даде Националната установа – Завод и музеј од Охрид која е вклучена како партнер во овој проект, по што истиот ќе биде презентиран пред јавноста.
Освен планот за интегрирана заштита, како финален производ од самиот проект ќе биде изработена и методологија за маркетинг-стратегија за достигнување на одржливост на градското јадро.
Од Општина Охрид очекуваат овој проект значително да придонесе за заштита на старото градско јадро на градот, кое е исклучително важно за зачувување на историските и на културните богатства, кои, пак, се од исклучително значење за развој на туризмот.
Извор: meta.mk