Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Идризово присуствуваше на завршниот ден од обуката за контрола на возилата во сообраќајот и претставување на системот за присилно запирање „Стингер“.
Полициски службеници од Секторот за сообраќајни работи во Бирото за јавна безбедност, од мобилните сообраќајни единици и од осум регионални Сектори за внатрешни работи пред присутните одржаа практична вежба за употреба на системот за присилно запирање на возила со издишување на гумите, кој се користи за ефективно и безбедно запирање на возила во бегство.
„Овој проект, финансиран од ЕУ, има единствена мисија, a тоа е министерството да го доближи до европските стандарди, да помогне во градењето на поблиски релации меѓу полицијата и граѓаните во правец на зајакнување на меѓусебната доверба. Проектот подразбира подолг период на имплементација, затоа што најбавно се менува свеста и практиките на делување. Овој проект ја има мојата целосна поддршка и во тој правец максимално ќе се заложам за отстранување на било какви намерни или ненамерни застои или блокади во фазите на реализацијата на проектот“, рече министерот Спасовски.