Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми учествува на Глобалниот образовен самит кој се одржува на 26 и 27 март во Истанбул, на кој присуствуваше и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Во своето обраќање македонскиот министер за образование и наука истакна дека е неминовно образованието постојано да се модернизира и реформира.
„Денес можеби побрзо од кога и да е, потребно да се воведуваат новини во образованието. За да бидеме во тек со развојот на научната мисла, како Министерството за образование и наука и како Владата на Репулика Македонија, во континуитет работиме на осовременување на образованието и тоа во сите сфери, во основното, средното и високото образование. Воведените реформи во образовниот систем во нашата земја одговараат на потребите на пазарот на трудот, бидејќи како и на секојоа држава и нам ни е потребен, образован и стручен кадар“, рече Адеми.
Адеми пред присутните зборуваше за дел од реформите кои се направени во образованието во Република Македонија.
„Сакам да потенцирам дека во тек е изготвувањето на нова „Стратегија за образование 2016 – 2020“, преку која ќе се зајакнат сите капацитети во воспитно образовната политика на нашата земја. Квалитетното образование овозможува градење на општество базирано на знаење и придонесува целиот овој систем да одговара на потребите на учениците, училиштето, на локалната заедница, бизнис секторот, на целото општествено опкружување“, рече Адеми.
Министерот осврнувајќи се на реформите во основното образование, потенцираше дека основците учат по Кембриџ програмите.
„Една најголемите реформи во основното образование е воведувањето на наставни програми подготвени од Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години. Морам да нагласам дека Република Македонија е прва земја во регионот која воведе наставни програми по Кембриџ. Прво беа воведено од прво до трето одделение, потоа од четврто до шесто, од наредната година математика и предметите од областа на природните науки ќе се воведат во седмо, осмо и деветто одделение. Следен чекор е воведување на светски признатите наставни програми од областа на природните науки во средното образование“, рече Адеми.
Средното образование во Република Македонија е задолжително, рече Адеми и додаде дека и во оваа сфера се воведуваат новини,со цел средното образование да биде европски усогласено и прилагодено на пазарот на труд.
Министерот за образование на Република Македонија се осврна на два капитални проекти кои се наменети за студентите- „Програмата за опремување на лаборатории на државните високообразовни установи и јавни научни установи“ и „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Своето обраќање на првиот ден од Самитот во Истанбул, Адеми го заврши цитирајќи го Нелсон Мандела кој рекол: „Образованието е најмоќното оружје кое можете да го употребите за да го промените светот“ .