СВР Скопје-Единицата за економски и компјутерски криминал, до надлежното ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против Љ.И. (55) и Р.Ш. (46), двајцата од Скопје, поради основи на сомневање дека во временскиот период од 2010 до 2014 година во својство на претседатели на хуманитарна организација во повеќе наврати исплатиле парични средства како донации на правни и физички лица од РМ во вкупен износ од 83.087.820 денари, за што не пресметале и не платиле персонален данок на доход во вкупен износ 9.231.980 денари, со кој износ го оштетиле Буџетот на РМ и сториле две кривични дела – “даночно затајување“, предвидено и казнив по член 279 од КЗ.
Имено, по примени сознанија од страна на полициски службеници од Единицата, извршен е увид во сметководствената документација на здружението (за периодот 2010/2014), од Централен регисер на РМ е обезбедена тековната состојба, историјатот на промени и историјатот на банкарски сметки на здружението, понатаму извршени се проверки во Генералниот секретаријат на Влада на РМ и Министерството за правда на РМ- Сектор за бесплатна правна помош и политички партии.
Од преземените мерки е утврдено дека Здружението е регистрирано како хуманитарна организација од социјален карактер и согласно Законот за донации и спонзорства може да дава донации на загрозени лица од социјални категории (сираци, бездомници, финансирање на образование на сиромашни деца, за верски празници и сл.), а пријавените во својство на претседатели на Здружението, кои како овластени лица располагале со средствата од жиро сметката (Љ.И. во периодот 2010/2011, а Р.Ш. во периодот 2011/2014 г.), иако знаеле дека Здружението не е регистрирано како правно лице од јавен интерес ниту пак има добиено потврда од Министерството за правда на РМ дека дејноста која ја обавува е од јавен интерес, во повеќе наврати исплатиле парични средства како донации на правни и физички лица од РМ во вкупен износ од 83.087.820 денари, при што средствата на правните лица им се исплаќале преку жиро сметка, а за физичките се правеле списоци за исплата во готово со целосни генералии на лицата и потпишани од истите, а кои списоци немаат број и датум.
За исплатените средства на име донации, Љ.И. даночно затаил 1.245.033,67 денари, додека Р.Ш. не пресметал и не платил персонален данок на доход во вкупен износ од 7.986.946,33 денари, со што го оштетиле Буџетот на РМ во вкупен износ од 9.231.980 денари, кој износ согласно пресметаните камати и аконтацијата за персонален данок на доход за периодот 2011/2014 г., изнесува вкупно 9.658.271,34 денари.
Инаку, според крим евиденцијата на МВР, Љ.И. во 2002 година е кривично пријавен за “фалсификување на исправа“.