Изложба на уметнички дела откупени на вториот конкурс на Министерството за култура

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, попладнево беше отворена изложба на дела откупени со вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на уметнички дела и скулптури од галериски формат за 2015 година.

На конкурсот се откупени 59 дела од 52 автора, од кои 43 ликовни остварувања, а 16 се скулптури. Избрани се од стручна комисија во состав: Викторија Васева-Димеска, Конча Пиркоска, Сафет Ахмети и Маја Неделкоска-Брзанова.

Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со новиот конкурс постојаните поставки и депоата на националните музеи, како и просторите на државни институции, ќе се дополнат и збогатат со дела на еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставија траен белег во македонската ликовна уметност.

Потсети дека конкурсот за откуп е стимулативна мерка од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 чија цел е и да се поттикне домашното уметничко творештво и афирмацијата и статусот на македонските уметници.

На првиот конкурс за 2014, и на овој, втор конкурс за 2015, откупени се вкупно 113 ликовни дела и скулптури од галериски формат, за што од буџетот се одвоени 13.389.000 денари.

„Откупивме дела на автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, и кои осознавајќи го сопствениот вредносен код ги надминаа границите на нашата држава и го освоија европскиот културен простор, но особено радува фактот што не изостанаа и делата на младите македонски уметници со изразен творечки идентитет“, рече Канческа-Милевска која ги повика уметниците да аплицираат и наследниот, трет конкурс за откуп.

Меѓу 43-те автори чии дела се откупени на овој конкурс, се: Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Томо Шијак, Иван Велков, Драгутин Аврамовски Гуте, Александар Јанкуловски Цане, Роберт Јанкуловски, Александар Станковски, Ирена Паскали, Антони Мазневски…, а меѓу авторите на скулптури се: Васко Василев, Јордан Грабуловски, Александар Ивановски Карадаре, Жарко Башевски, Исмет Рамиќевиќ, Ибрахим Беди, Илија Аџиевски, Бранко Јакшиќ…

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по отворањето на изложбата рече дека иницијативата која тој како премиер ја покренал пред две години заедно со министерката Канческа-Милевска, е нова димензија во поддршката на уметниците во Република Македонија.

„Таква поддршка немаа во претходните години и во духот на поддршката на македонската уметност, сликарство и вајарство, во тој период одлучивме како Влада да дадеме можност секоја година Министерството за култура да откупува одреден број уметнички дела. Овој тренд ќе продолжи и понатаму, уметниците може да сметаат дека ова политичка гарнитура ја цени и поддржува уметноста и ќе ја поддржува и во иднина, на различни начини и во различни форми, вклучувајќи ја и оваа форма на откуп на дел од нивните дела,“ изјави Груевски.

Оваа иницијатива во своите обраќања ја поздравија директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими и претседателот на Друштвото на ликовните уметници на Македонија Христијан Санев.

„Бројот на откупени дела и вложениот буџет се меродавни репери кои укажуваат на тоа дека, сепак, имаме институции кои се грижат за ликовната уметност и култура, градејќи колекција и преку неа градејќи еден временски запис за сето она што го правиме јас и моите колеги“, рече Санев.

Директората на НГМ Старова-Ќерими рече дека со најновиот конкурс за откуп нивната институција добила 21 уметничко дело, од кои дел се претставени на изложбата во Мала станица, а едно е во постојаната поставка на НГМ во објектот Даут-пашин амам.

DSC_0081