Здруженијата на потрошувачите се еден од клучните партнери на Агенцијата за храна и ветеринарство, институција која има јасно определен концепт за соработка и со сите останати страни вклучени во системот за безбедноста на храната и храната за животни како што се операторите со храна, науката, пошироката јавност, владините институции, вклучително и европската институција за безбедност на храната – EFSA и Системот за брзо предупредување на Европската унија – RASSAF. Како клучен партнер од системот за безбедност на храната, со Организацијата на потрошувачите на Македонија имаме воспоставено интензивна и плодна соработка преку Одделението за заштита на потрошувачите кое функционира во рамки на нашата институција. Воспоставен е активен линк на интернет страните, постои континуитет во електронската и пишаната комуникација, а како институција членуваме во Комисијата за исхрана на ОПМ.
Во интерес на заштита на правата на потрошувачите, нивно информирање и едукација, активно се работи и на реализација на заеднички проекти, кои вклучуваат подготовка и печатење на едукативно – информативни публикации и слично. Ова беше истакнато на денешната промоција на студијата ,, Здруженијата на потрошувачи во системот за заштита на потрошувачите – насоки за унапредување на нивната положба во Република Македонија. Студијата ја изработи ОПМ со поддршка од програмата Цивика Мобилитас и истата содржи насоки за унапредување на правната рамка за заштита на правата на потрошувачите во нашата држава и дава насока за унапредување на соработката меѓу потрошувачките организации, локалните, националните власти и бизнис заедницата.
Презентирани беа политиките за заштита на потрошувачките права во Европската унија и во земјите од регионот, начинот и обемот на нивното финансирање, како и постоечката соработка на националните здруженија за заштита на потрошувачките права со државните органи и поддршката која ја добиваат од нивна страна.
Донесување на нова правна рамка за заштита на правата на потрошувачите во Република Македонија и дефинирање на долгорочен начин на финансиска поддршка со в цел да се овозможи конзистентност во реализација на политиките на овој тип невладини организации, како и креирање на унифициран систем за поднесување, прием и процесуирање на претставките кои ги поднесуваат граѓаните, побара Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Ката Стојановска, раководител на Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство, истакна дека унапредувањето на заштитата на потрошувачките права е еден од приоритетите на Агенцијата и потенцира дека како институција одговорна за безбедноста на храната, соработката со невладиниот сектор овозможува на најдобар начин да се конвертираат податоците, за истите да едноставни, јасни и прифатливи за потрошувачите. Голем број на едукативни материјали се изработени токму во соработка со оваа невладина организација која се грижи за заштита и унапредување на правата на потрошувачите.
Покрај изработката на голем број информативно – едукативни содржини наменети за потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со невладиниот сектор, пред се со ОПМ, организира и голем број информативни трибини, а редовно се врши и информирање на потрошувачите преку средствата за јавно информирање.
Политиките за заштита на потрошувачите во областа на безбедноста на храната и храната за животни, Агенцијата ги гради и развива следејќи ги искуствата, политиките и целите на ЕУ.