Нова библиотека која го носи името на познатиот македонски археолог и проучувач на средновековната археологија во Македонија Кирил Трајковски, денеска беше отворена во Археолошкиот музеј на Македонија. Библиотеката содржи 3.500 печатени книги и 30 илјади книги и публикации во дигитална форма, на македонски, англиски, бугарски, германски, француски, српски и хрватски јазик. Донатор на библиотеката е британската фондација „Кирил Трајковски“.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска информира дека библиотеката ќе овозможи научната, стручната и целокупната македонска јавност да ги прошири и да ги надгради своите сознанија за наследството на нашите простори, но и на регионот и пошироко. Корпусот на библиотеката го сочинуваат делата од личниот фонд на Кирил Трајковски.
„Дигиталниот библиотечен материјал изобилува со бројни научни трудови од Европа и земјите на Балканскиот Полуостров, од повеќе области: археологија, историја на уметност, музеологија, конзервација, антропологија, епиграфија, нумизматика, архитектура во широк временски интервал, од праисторијата до денеска со особен акцент на Античкиот и Византискиот период, “рече Канческа-Милевска.
Во рамки на дигиталниот библиотечен фонд презентирани се и разновидни периодични публикации, врвни реномирани и респектирани германски, американски и француски списанија, кои датираат уште од крајот на 19 век. Библиотечниот фонд е збогатен и со речници и енциклопедии, топографски карти во повеќе размери, цртежи и фотографии од споменици.
Министерката за култура истакна дека дигиталниот материјал во јуни годинава ќе биде надополнет со уште 40.000 нови селектирани и значајни книги и публикации во дигитална форма, а до крајот на годинава вкупниот фонд ќе изнесува 100.000 дигитални дела. Библиотеката е опремена со најсовремена технологија за оваа намена.
Таа потсети дека изминатите 18 месеци богатата поставка од преку 8.000 артефакти кои се изложени во овој монументален објект ја видоа повеќе од 40.000 посетители од државата и од странство.
Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева потсети дена на 4 јуни 2013 година во Лондон потпишале Меморандум за соработка со Фондацијата „Кирил Трајковски“.
„Меморандумот се потпиша со цел низ заедничка соработка и разбирање да се овозможи напредок на археологијата низ обуки, контакти, прибирање библиотечна литеаратура за промоција на археологијата како наука. Како една од обврските на овој Меморандум беше отворање една унифицирана библиотека која денеска ја пуштаме во употреба“, рече Честоева. Изрази надеж дека оваа библиотека ќе побуди интерес кај научната фела и студентите и оти тука ќе се создаваат многу магистерски и докторски тези.
Амбасадор на Република Македонија во Велика Британија Јован Донев нагласи дека последните 25 години има одлични политички односи меѓу Македонија и Велика Британија. Според него, треба да ја зголемиме соработката во економијата, образованието,науката, спортот, културата…
Кирил Вејт, член на фондацијата и внук на Кирил Трајковски им се заблагодари на сите институции и пријатели кои донирале и ја поддржале библиотеката во Македонија. Има донации од Софија, Белград, а Универзитетот Оксфорд донираше архелошки дневници, периодика и други вредни материјали. Додаде дека Кирил Трајковски бил прекрасен човек, скромен , великодушен и добар пријател на многу луѓе.
На настанот беше прикажан краток филм за основањето, градењето и функцијата на библиотеката во иднина.