Економскиот раст во 2015 година и покрај политичката криза во Македонија, бил силен и дури и повисок од очекуваното. Високиот економски раст од 3,7 отсто од бруто домашниот производ, се должи ,пред се, на растот на извозот од слободните економски зони и јавните инвестиции, истакнува рејтинг агенцијата “Стандард и Пурс“ која повторно го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија ББ – со стабилен изглед.
Во еден кус временски период за економијата во Република Македонија се дадени неколку извонредни извештаи од докажани реномирани меѓународни организации, институции или списанија, анализира професорот Томе Неновски.
Најпрво од Дуинг бизнис беше речено дека Македонија има извонредна бизнис клима која што ја рангира државата на 6-то место во Европа односно на 12 во светот. Веднаш после тоа дојде информацијата дека Македонија има најниска т.н. ефективна стапка од 7,4% што исто така е одраз на вкупната поволна деловна клима за сите стопанственици во Македонија и домашни и странски. И сега деновиве ја добиваме информацијата од Стандард и Пурс која што го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија како непроменет, вели професорот Томе Неновски.
Неновски потврдува дека и покрај сите случувања на политички план состојбата во економијата останува стабилна и цврста и не го нарушува рејтингот на Република Македонија. Но, додава тој, доколку не би била политичката криза, резултатите би биле уште подобри.
Добрите економски политики, поволната бизнис клима, слободните економски зони, соработката помеѓу домашните и странските компании изминативе години ја искачија Македонија на едно повисоко ниво, заземајќи ги првите места на извештаите спроведени од реномирани меѓународни институции.
Македонија има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа и е подобро рангирана од 24 земји членки на ЕУ според условите за водење бизнис. Најдобро е рангирана во областа започнување на бизнис, каде е позиционирана на високото 2 место во светот.
Последниот Извештај за глобална конкурентност на Светскиот економски форум за 2015-2016 година, Македонија е рангирана на 60 место што претставува значителен напредок од 34 места во споредба со 2007 година. Во последните три години Македонија напредуваше за 20 места.
Според Индексот на економски слободи на фондацијата Херитиџ за 2016 година, Македонија е рангирана на 47-мо место од вкупно 178 земји и во споредба со 2006 година остварен е напредок од 31 место.
Ефдиај магазин (fDi Magazine), ги прогласи ТИРЗ Скопје 1 и 2 за најдобрите од 50 слободни зони во светот. Во последниот извештај на Ефдиај магазин fDi Magazine „Слободни зони на годината” за 2014 годи- на, ТИРЗ Скопје 1 и 2 беа прогласени како победници во категоријата „Најдобра зона за големи корисници во Европа“.
Добрата бизнис клима придонесува за натамошно развивање на странските инвестиции особено во доменот на нивна соработка со домашните компании бидејќи имаме некои информации дека околу 500 домашни компании се во соработка со странските инвестиции. Тоа значи дека од Македонија излегува производ кој што е кумулативен, збирен произведен тука и ја носи ознаката Made in Macedonia. Сето ова го зголемува извозот од Македонија, што е одраз на поволната клима и резултира позитивни стапки на раст, објаснува Неновски.
Стандард и пурс, предвидува дека во иднина ќе зајакнуваат и ќе се градат нови врски на соработка помеѓу странските инвестиции во ТИРЗ и домашните компании, што ќе биде основа за одржлив раст на економијата.
Како што наведува агенцијата, економската експанзија ќе продолжи и во иднина поддржана преку растот на извозот од странските компании во ТИРЗ и капиталните инвестиции на Владата.