Убиство во обид при вршење семејно насилство

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Т.П.(48) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид при вршење семејно насилство“. Пријавениот на 02.04.2016 година се обидел да ја убие неговата 29 годишна сопруга од Скопје, нанесувајќи и тешки телесни повреди по главата и телото. Судија на претходна постапка на Т.П. му изрече мерка притвор во траење од 30 денови.

Имено, пријавениот со сопругата имале бракоразводна парница и повеќемесеци не живееле заедно. На кривично правниот настан му претходела средба, односно на први овој месец Т.П., по претходен телефонски договор заминал кај сопругата, која заедно со седумгодишната ќерка живеела во стан под наем. Пријавениот пристигнал околу 21.30 часот и останал таму се до наредното утро, кога сопругата му кажала дека треба да си оди и тргнала да го испрати. Во тој момент пријавениот ја убедувал да појде со него за да разговараат, но кога истата го одбила тој со употреба на сила ја внел во неговото возило и се упатил кон Скопска Црна Гора. Додека возел со тупаници ја удирал по главата и телото, заканувајќи и се дека ќе ја убие. Неговата сопруга, го молела да престане и да го сопре возилото, а во два наврати се обидела да избега од возилото. Пријавениот успеал да ја фати при првиот обид, по што продолжил со физичкото малтретирање. При вториот обид да побегне од возилото, во близина на автобуската станица во с. Побожје, и’ помогнал случаен минувач, кој, заедно со неговата сопруга и пружил прва помош.

Т.П. побегнал од местото на настанот, а оштетената со возило на Итна медицинска помош во бесознание била пренесена во Клинички центар „Мајка Тереза“, каде и се констатирани тешки телесни повреди и е задржана на понатамошно лекување. Набрзо по настанот, полициски службеници на ЕПОИ АЛФА го пронашле и лишиле од слобода пријавениот. При извршеното алкотестирање, кај истиот се констатирани 1,95% присуство на алкохол во крвта.

Инаку, Т.П. досега е кривично пријавуван за имотни деликти за што му се поднесени четири кривични пријави, а во периодот од 2008 до 2011 година му се поднесени исто така и четири прекршочни пријави за загрозување на безбедноста во сообраќајот со управување на возило под дејство на алкохол и прекршочна пријава за нарушен јавен ред и мир со малтретирање на друг во стан.