Промовиран отчетот за тригодишната работа на градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески

Точно три години од доаѓањето на функцијата градоначалник, денес во дворот на Општина Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески го промовира отчетот за сработеното од април 2013 до април 2016 година. Станува збор за издание во кое преку конкретни податоци и вредности на 200 страници се опфатени дел од реализираните проекти.

Третата година од мандатот што ми го доверивте, измина со најинтензивната динамика во работата на локалната самоуправа видена до сега, со многу реализирани проекти, подобрување на перфомансите на сите јавни претпријатија основани од Општина Охрид, и сигнификантно подобрување на ефикасноста на општинската администрација која одговорно и професионално во предвидените рокови ги решаваше потребите на граѓаните.“– истакна Бакрачески.

Во услови кога во државата повеќе од 18 месеци трае политичката криза, а која несомнено се одразува на севкупното живеење и работа, градоначалникот Бакрачески истакна дека Општината успеа да реализира многу од зацртаните проекти.

„Успешно го трасиравме патот за финансиска консолидација на Општината и покажавме дека децениската сага за долгот на Општина Охрид, на подолг рок може да има успешна разрешница. Со посветено и одговорно работење, ја враќаме довербата на охриѓани за поубава иднина на нашиот град.

Убедени сме дека во годината што изминува, многуте проекти што ги подготвивме ќе бидат целосно завршени, а Охрид ќе стане многу попријатно и поатрактивно место за живеење.“– рече Бакрачески и додаде:

„Oпштина Охрид ја затекнавме во тотален финансиски хаос, на работ на банкрот. Со искрен и чесен приод, домаќинско работење и максимално искористување на сите човечки ресурси во период од 4 прил 2013 до 05 март 2016 Општина Охрид исплатила 843.084.368 денари од обврските по сите основи, а вкупниот долг денес е намален за над 567 милиони денари.“- рече Бакрачески.

Тој го изрази своето задоволство, што и изминатата година продолжиле со подеднаков однос кон сите делови од градот и приградските населби во подобрување на инфраструктурата и задоволување на потребите на граѓаните.

„Проектот за модернизација на јавното осветлување на територијата на Охрид е меѓу најзначајните коишто охридската локална самоуправа ги реализира во 2015 година. Во инфраструктурни проекти вложивме 179 милиони 166 илјади и 332 денари во реконструкција, санација и одржување на улици, со вкупна асфалтирана површина од 130.860 метри квадратни. Изградивме нови линии за атмосферска и фекална канализација во должина од 12.570 метри, во вредност од 89 милиони 681 илјада и 970 денари. Завршени се сите административни формалности и наскоро ќе отпочнат со изградба трите големи проекти од суштинско значење за животот во Охрид– затворен пазар, нова автобуска станица, и дом за стари лица.“- потенцира Бакрачески.

Културата како една од најзначајните области и препознатлив белег на Охрид и оваа година беше во врвот на приоритети на Локалната самоуправа. Образованието и социјалната политика и понатака остануваат во врвот на приоритети за развојот на локалната заедница.

„Сферата во која несебично, секојдневно, со максимална енергија и знаење се вложува секој од вработените во локалната самоуправа, е економскиот и туристичкиот развој на Охрид. Издвоивме буџетски средства од 24 милиони денари, со кои ги субвенционираме редовните авиолинии кои од јули минатата година функционираат на релацијата Охрид – Лондон. Со помош на Владата на РМ ја имаме и директната линија Охрид –Базел. Од јуни оваа година ќе биде воспоставена и линијата Охрид – Белград. Секторот за туризам и локален економски развој, максимално ги користи можностите кои ги даваат европските фондови, а во моментов изготвени се три апликации за инфраструктурни проекти за подобрување на туристичката понуда. До јуни оваа година ќе заврши и последната трета фаза од изградбата на пешачка патека до Горица, што заедно со новата патека покрај каналот Студенчишта се до Билјанини Извори и реконструкцијата на кејот „Македонија“, ќе претставува нова атрактивна целина и за гостите и за охриѓани.“– истакна Бакрачески.

Општината продолжува со промовирање на Охрид во странските метрополи и престижни саеми за туризам. За градоначалникот,  врвен приоритет останува отворање на нови работни места за охриѓани.

„Се радувам на секое ново работно место во рамки на охридска компанија и силно го поддржувам истото. Затоа посебно ме радува што капацитетите на „ОДВ Електрик“ постојано се прошируваат, а се поголем број на охриѓани се вработуваат во оваа компанија, додека „Костал” ги прави завршните припреми за отпочување со производство.“– рече Бакрачески.

Бакрачески рече дека спортот во Охрид ја доживува својата ренесанса, а СРЦ „Билјанини Извори“ како никогаш до сега е секојдневно полн со спортисти и вљубеници во спортот.

„По тригодишното инвестирање во спортската инфраструктура и спортските клубови во висина од 12 милиони 876 илјади и 400 денари, ќе го имаме задоволството да гледаме разигрување за титулата во националното првенство и можност за европски натпреварувања,во најпопуларниот спорт во Охрид – ракометот. Наредната година, Охрид ќе има претставник и во најелитното кошаркарско натпреварување. Но, она што ни предизвикува посебно задоволство е започнувањето на израдбата на затворен базен, инвестиција вредна над 5 милиони евра, со што го исполнуваме заветот на охридските пливачки легенди и реална можност, пливањето повторно да стане најпрепознатлив белег на охридскиот спорт. Драги охриѓани, продолжуваме со несмален интензитет, посветеност и ентузијазам да го градиме Охрид. Ние чекориме напред и само напред, во еден здив и без застанување.“- заврши Бакрачески.

WebOhrid