Министерот Јолевски за Денот на НАТО: Зачленувањето во Алијансата останува стратешка цел за Македонија

Зачленувањето во НАТО е главен стратешки интерес на Република Македонија. За тоа постои најширок консензус во општеството, т.е. има огромна поддршка од граѓаните и консензус на политичките партии. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија на конференцијата по повод 4 Април, Денот на НАТО, која се одржа денеска во Домот на АРМ.

Министерот Јолевски посочи дека во изминативе две и половина децении, Република Македонија ги споделува и ги промовира истите вредности и интереси со земјите членки на Алијансата. Членството во НАТО, додаде Јолевски, ќе придонесе за натамошно јакнење на безбедноста и стабилноста, што позитивно ќе влијае и врз деловната клима, економски раст, развој и благосостојба на нашите граѓани.

На настанот на кој присуствуваа и амбасадорите на САД, Турција и Полска, Бејли, Шолендил и Мултановски, како и претставникот на НАТО-канцеларијата за врски, капетанот Радев, министерот порача дека имајќи ги предвид настаните во Франција, Турција и Белгија, како и потребата за брз и одлучен одговор од страна на сојузниците, алијансата ја потврдува својата определба на вистински заштитник на безбедноста и слободата на своите земји-членки, и на сојузниците.

„Одговор на овие предизвици е проширувањето на зоната на слободни демократии“, рече министерот.

Во однос на идните чекори поврзани со Самитот на Алијансата во Варшава, министерот изрази очекување дека земјите членки ќе изнајдат начин, високо на својата агенда да го стават и прашањето за проширување со нови земји членки.

„Пристапувањето на Црна Гора во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилноста на Регионот и зајакнување на неговата евро-атлантска перспектива. Активирањето на МАП процесот за Босна и Херцеговина ќе биде силна поддршка, на нашите пријатели од БиХ“, посочи министерот и додаде дека Република Македонија останува силно посветена на евроатлантските интеграции.

Конференцијата ко-организирана од Министерството за одбрана и Евроатлантскиот совет на Македонија, има за цел одбележување на Денот на НАТО, промоција на историјата, вредностите и целите на Алијансата, како и истакнување на значењето на евроатлантските интеграции за Република Македонија. Денот на НАТО (04.04) е настан кој што традиционално се одбележува во сите земји-членки на Алијансата, како и во земјите-партнери. На овој ден 1949 година, 12 земји, во Вашингтон (САД) го потпишале Договорот за кој се конституира Северноатлантската алијанса.

DSC_6994_resize