Со графичкиот регистар на градежно земјиште Македонија стана една од земјите каде што постапката за донесување на урбанистички планови се одвива целосно по електронски пат.
Регистарот е изработен по тригодишна работа на експертски тим составен од претставници од надлежните институции и за него се инвестирани 250 илјади евра обезбедени од Буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Од вчера, Регистарот е достапен за професионалните корисници како што се планерските куќи, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за планирање на просторот, општините и геодетите, а од јуни годинава ќе биде достапен за користење и за граѓаните и за бизнис заедницата.
Досега во Регистарот се внесени 477 урбанистички планови и урбанистичко планска документација доставени од општините. Упатувам апел општините кои сеуште не доставиле урбанистички планови во сила, тоа да го направат во најкраток можен рок“, истакна на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
Бенефит од оваа нова алатка на Катастарот ќе имаат сите инволвирани страни почнувајќи од планерите до општините и граѓаните. Со него се овозможува брз и едноставен пристап во секое време до урбанистичката планска документација, следење на реализацијата на урбанистичките планови, како и можност граѓаните во секое време да видат што е планирано да се гради на нивната парцела…
Претставници од Комората на овластени архитекти и инженери изразија задоволство од новата алатка која им е ставена на располагање оценувајќи дека Регистарот претставува нов импулс за геодетските компании и унапредување на постапката за проектирање.