Интернет-порталите пак куртулија од надзор за време на изборите

Првпат во независна Република Македонија од денот на распишување на изборите, според Изборниот законик, покрај радиодифузерите, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, е воведена контрола и врз електронските медиуми (интернет-порталите).

Оттогаш за сите медиуми почнуваат да важат правилата од Изборниот законик донесен во ноември 2015 година.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во јануари годинава ја усвои „Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборните процеси“, во која стои дека нема да вршат надзор врз изборното медиумско претставување на интернет-порталите, бидејќи, како што наведуваат во соопштението, не постојат услови за тоа.

Тоа, како и информацијата дека за следење на медиумите ќе се ангажираат околу 100 лица, за „Мета“ го потврди и директорот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, Зоран Трајчевски, кој вели дека невозможно е тоа да се направи од повеќе причини.

„Никаде во светот нема ваква одредба. Повеќето портали во Македонија не се знае каде се регистрирани. Никаде нема ниту кој е сопственик, поради што и не можеме да ги казнуваме. Немаат адреса, немаат одговорни лица“ – изјави Трајчевски.

На прашањето што ќе се случи кога ќе почне следењето на медиумите, затоа што, сепак, во Изборниот законик постојат интерет-порталите, Трајчевски вели „за тоа мора да ги прашате политичарите“.

Тој вели дека другите медиуми ќе се надгледуваат редовно.

„Откако ќе се распишат нови избори, што треба да се случи на 15 април, ние почнуваме со првата фаза од надгледувањето на медиумите. Во оваа фаза ќе бидат вклучени 10 надворешни лица и луѓе вработени во Агенцијата. Во втората фаза, од 15 мај, кога почнуваат да важат одредбите за балансирано известување во време на изборна кампања, ќе се вклучат уште 73 надворешни лица, што значи дека целиот процес ќе се надгледува со околу 100 луѓе “– вели Трајчевски.

Како што стои во методологијата, Агенцијата е задолжена да го следи изборното медиумско претставување, покрај на радиодифузерите и на електронските медиуми (интернет-портали).

„Истовремено, Законикот не го дефинира поимот „интернет-портали“, ниту неговиот опфат. Ваква дефиниција, како што е познато, нема ниту во другите домашни закони. Во настојувањето да утврди што сè може да се смета за „интернет-портал“, Агенцијата истакнува дека консултирала повеќе извори. Според класификацијата на дејностите што ја употребува Централниот регистар, шифрата на дејност „интернет-портали“ опфаќа „работа на веб (интернет)-страници кои користат пребарувачи и одржуваат екстензивни бази на податоци со интернет-адреси и содржини кои се во лесно пребарлива форма и работа на други интернет-страници што дејствуваат како портали на интернет, како што се медиумските веб-страници (страници) што обезбедуваат периодично ажурирана содржина“. Од класификацијата и од дефинициите на поимот во стручната литература, се гледа дека станува збор за термин со далеку поширок опфат отколку лаичките претпоставки за него“, стои во образложението од Агенцијата во Методологијата за следење на избори.

За Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми исто така спорно е и како ќе се следат печатените медиуми.

„Како што ќе се следат тие, исто така ќе мора да се следат и порталите. Агенцијата се откажа од нивно надгледување, но сепак одредбата во Законикот постои. Мислам дека најголем проблем се социјалните мрежи и нивното надгледување. Тие немаат ниту сопственик, ниту уредник, а имаат големо влијание во ширењето пропаганда. Овој момент кај нас, а и речиси низ целиот свет, не е решен“ – вели Георгиевски.

Извор: meta.mk