Одбележан 14ти април – Денот на Царинската управа

Денес, Царинската управа на Република Македонија одбележа 24 години од своето постоење како самостоен државен орган. Од скромните почетоци при осамостојувањето на на 14 април 1992 година, низ текот на годините Царинската управа прерасна во модерна, цврста и ефикасна царинска служба, вистински партнер на бизнис заедницата и меѓународно афирмирана.

По тој повод, денес напладне во амфитеатарот на Царинската управа се одржа традиционалната свечена церемонијана која присуствуваа високи претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата колегиумот на Царинската управа и други соработници и пријатели на Царинската управа.

По повод празникот, честитки до царинските службеници упати директорот на Царинската управа г-ѓа Наташа Радеска Крстевска која ги презентираше остварените резултати и активностите на Царинската управа од минатата година. Во своето обраќање, Радеска Крстевска нагласи дека и во 2015 година Царинската управа успешно ја реализираше својата визија и мисија на модерен и ефикасен сервис на граѓаните, економските оператори и државата. Годинава РепубликаМакедонија стана дел од транзитниот систем на Европската Унија, а ако резултат на посветената реализација на економските политики на Владата на Република Македонија за одржување и унапредување на конкурентниот економски амбиент, преку постојано предлагање и спроведување на мерки за олеснување на трговијата и транспортот, во најновиот Извештај Doing Business, Република Македонија кај индикаторот Услови за прекугранично тргување (Trading Across Borders) е рангирана на високото 26 место помеѓу 189 земји во светот, што претставува скок од 101 место во однос на 2007 година кога Република Македонија беше рангирана на 127 место. Царинската управа ни за момент не ја заборави својата традиционална улога на заштитник на финансиските интереси на државата, преку обезбедување на навремено и ефикасно прибирање на буџетските приходи и во 2015 година наплати 67.233,72 милиони денари, односно 6,6% повеќе приходи во однос на 2014 година, а 1,8% повеќе во однос на планираните приходи за 2015 година. Успешната реализација на активностите во насока на пристапување кон Европската Царинска Унија е нотирана во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во пристапувањето кон ЕУ, објавен во ноември 2015 година, во кој за Поглавјето 29 – Царинска унија Република Македонија е оценета со висока четворка, со заклучок дека земјата има остварено добар напредок во претходната година и има достигнато добро ниво на подготвеност во делот на Царинска унија.

На крај, директорката Радеска Крстевска истакна дека успесите во нашата работа не се случајни и не доаѓаат преку ноќ. Тие се секогаш резултат на повеќегодишна, фокусирана, трпелива и тимска работа на стручните луѓе во Царинската управа.
Во рамки на овогодинешново одбележување на царинскиот празник и годинава, седма по ред, успешно беше организирана крводарителска акција на која својата хуманост ја покажаа над 127 царински службеници.

Денот на Царинската управа беше можност да ја покажеме својата човечност помагајќи им на оние на кои што помошта им е најпотребна. На сопствена инцијатива царинските службеници успешно организираа и учестуваа во акција за донирање на хуманитарна помош во храна и хигиенски производи за 13 социјално загрозени семејства.

Традиционално, на денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење.

Од името на Царинската управа, директорот Радеска Крстевска додели признанија во вид на плакета и пофалница на царинските службеници и компании со кои соработува Царинската управа за постигнати исклучителни резултати во работењето, со што придонесуваат кон порационално, поефикасно и поквалитетно работење на Царинската управа. Оваа година пофалница беа доделени на:

1. Младен Ситникоски, цариник во царинска испостава Ќафасан при Царинарница Битола за посветеност во извршувањето на работните задачи;

2. Бобан Николовски, шеф на царинска испостава Табановце автопат, Царинарница Куманово за постигнати исклучителни резултати;

3. Царинска испостава Богородица – отсек за патнички промет при Царинарница Гевгелија за најуспешна царинска испостава за патнички промет;

4. Царинска испостава Гевгелија – отсек за стоково царинење при Царинарница Гевгелија за најуспешна внатрешна царинска испостава која врши стоково царинење и

5. Филипфрос Дооел – Куманово за успешна соработка.

Плакети за партнерска соработка со Царинската управа оваа година беа доделени на:

1. Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и

2. Компанијата АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ МАКЕДОНИЈА од Кочани.

По повод 26 Jануари – Меѓународниот ден на Царината, кој годинава се одбележа под мотото Дигитална Царина, Царинската управа на Република Македонија официјално им искажа благодарност со доделување пофалници од Генералниот секретар на Светската царинска организација на 10 институции:

1. Министерство за информатичко општество и администрација,
2. Министерство за финансии,
3. Народна банка на РМ,
4. Агенција за храна и ветеринарство,
5. Државен инспекторат за земјоделие,
6. Дирекција за безбедност на класифицирани информации
7. Управа за јавни приходи,
8. Државен санитарен и здравствен инспекторат,
9. Централен регистар на РМ и на
10. Државен завод за статистика

ПРЕЗЕНТАЦИЈА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА