Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „овозможување употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Е.К. (21) од Дебар.
На 26-ти јануари оваа година, пријавениот е затекнат во вршење на кривичното дело во еден хотел во Струга заедно со Б.И. (33) од Струга и Д.Б. (21) од Дебар. Тој, хотелската соба претходно ја изнајмил по што ги повикал двајцата пријатели овозможувајќи им консумирање наркотична дрога хероин. Поседувајќи квалитетни оперативни информации за можната средба, полициските службеници ги следеа движењата на пријавениот Е.К. и двајцата негови пријатели, инаку, познати наркозависници.
Откако беше забележано нивното влегување во хотелот во Струга, оперативците за борба против дрога, влегоа во хотелската соба и во видно зачадената просторија, ги затекнаа трите лица при консумирање на опојната дрога хероин.
На масата беа забележани повеќе нагорени фолии со траги од кафеава материја и две помали најлонски кеси со траги од кафеава материја. Полициските службеници, ги одзедоа нагорените фолии и другите пронајдени предмети каде со вештачење извршено во Министерството за внатрешни работи во Скопје, утврдено е присуство на хероин.