Одржан првиот работен состанок за изработка на новата Стратегија за РЈА (2016-2021)

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски денеска го одржа првиот состанок со работната група за изготвување на новата стратегија за реформа на јавната администрација, за периодот 2016-2021 година. На состанокот присуствуваше и експертски тим од СИГМА, претставници од невладиниот сектор, тим на универзитетски професори, како и тим од МИОА.

„Процесот на изготвување на Стратегијата за реформа на јавната администрација е многу важен за Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација. Ние сме посветени кон изготвување на Стратегија која е квалитетна и сеопфатна”, истакна Муцунски.

Работниот состанок меѓу другото беше посветен на разгледување на насоките од СИГМА за изработка на Стратегијата, начинот на нејзино структуирање, како и клучните реформски области кои треба да се обработат во рамките на работната група и тематските подгрупи.

Со цел изработка на Стратегијата за РЈА (2016-2021), формирана е меѓуресорска работна група составена од претставници на сите институции кои имаат свои надлежности во рамките на реформата на јавната администрација.