Стартува патувањето во Косово само со лична карта

„Одбележувањето на овој значаен настан за двете држави, јасно ја истакнува добро воспоставената и институционализирана билатерална соработка меѓу Република Македонија и Република Косово.“ Ова меѓу другото денес на ГП “Блаце“ го истакна заменик министерот на МВР д-р Агим Нухиу по повод стапувањето на сила на Спогодбата меѓу владите на Република Македонија и на Република Косово за условите за патување на државјаните на двете земји со лични карти, настан на кој присуствуваше и заменик министерот за внатрешни работи на косовската полиција Валдет Хоџа.

Како што нагласи заменик министерот Нухиу – “поаѓајќи од принципите на меѓународното право и пријателските односи меѓу двете држави во насока на натамошно продлабочување на соработката, водени од желбата за олеснување на патувањето на државјаните на Република Македонија и Република Косово, водејќи сметка за традиционално блиските семејни и родниниски врски меѓу државјаните на двете земји особено и за потребите на често преминување на границата на лицата коишто живеат во пограничниот регион ја склучивме споменатата Спогодба на почетокот на годинава во Приштина, а денеска – 17 април 2016 година – истата се ефектуира“.

„Во време кога сите ние стоиме исправени пред многубројни предизвици од кои нашите државјани се директно засегнати, Република Македонија и Република Косово и натаму остануваат посветени на негување, развивање и продлабочување на меѓусебните врски, добрососедските односи, како и исполнување и промовирање на европските вредности“, рече заменик министерот Нухиу.

Инаку, со оваа спогодба идентично како и со веќе постоечките такви меѓудржавни акти со соседна Албанија, Србија, потоа со Црна Гора, државјаните на Република Македонија и на Република Косово ќе можат државната граница да ја минуваат и со лични карти.