„Парламентарки“ утревечер премиерно пред охриѓани

Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Охрид, Охридскиот народен театар утревечер, со почеток во 20:00 часот премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Парламентарки“, во режија на Ненад Витанов. 

„Драмската предлошка за текстот „Парламентарки“ лежи во Аристофановата комедија „Жени во Народното собрание“ и севкупниот драматуршки материјал, кој беше напластен во процесот на создавањето на претставата, комуницира – или подобро – се обраќа на сегашноста, создавајќи карикатурална политичка фарса со елементи на гротеска, своевиден комедиографски хибрид кој почива на проблемот на власта. На оваа линија, текстот е инспириран од кризата на поединецот кој ја напушта сопствената зона на комфор и излегува на првата линија на отпорот, борејќи се за правата кои сам ги создава, со желба да креира систем по свои, сосем нелогични правила и стандарди. „Парламентарки“ од една страна го критикува секој политички систем и структурите на власта, а од друга – се занимава со органиката на човековата глупост во желбата за власт и моќ.“– рече драматургот Сашо Димоски.

Претставата „Парламентарки“, инспирирана од комедијата „Жени во Народното собрание“ од старогрчкиот комедиограф Аристофан, почива врз принципот на создавање сценска карикатура во сите облици на власта, нејзино поистоветување со сегашноста и обид да се надмине сегашноста кон вечното сегашно време.

„Оваа претстава, како комедија со елементи на гротеска и фарса, пред гледачот поставува еден свет на интимен конфликт кој станува политички конфликт, поставувајќи ги и толпата и поединецот сред кризата како животен императив. Човековата желба за позиција и власт, како двигатели на фабулата низ сценското дејство, го носат светот до сопствениот амбис и му допуштаат, сосем спокојно, да се урне, со надеж дека светот кој доаѓа ќе може да биде доволно едноставен за да се опстане во него.“-рече режисерот Ненад Витанов.

Актерската екипа ја сочинуваат Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Сашо Ристовски, Биљана Билаловиќ-Вељановска, Филип Кипровски, Павел Маслов, Елизабета Стефановска и Ивица Цонев.

Влезот чини 200 денари.

Parl.1