Младите волонтери на Црвен крст Охрид, вклучени во програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности) вечерва, со почеток во 21 часот во кафе барот Шила, организираат хуманитарна забава со која ќе биде заокружен проектниот ПХВ циклус.
Ова ќе биде убава можност младите да се забавуваат и ги споделат своите впечатоци и искуства од напорното и посветено ангажирање во рамки на овогодинешниот ПХВ циклус во кој преку шест проекти, младите на возраст од 13-17 години имаа можност да работат и помогнат на деца со посебни способности, деца од социјално загрозени и деца од згрижувачки семејства, членови на семејства со егзистенцијални проблеми. Во својата хумана мисија и реализацијата на овие проекти младите од ПХВ тимовите имаа соработка со бројни институции: Општина Охрид, Регионална занаетчиска комора, Центар за социјална работа, Работнички Универзитет Кузман Шапкарев, Извиднички одред Пионер, Детска градинка Јасна Ристеска, основните и средни училишта, кафе барови, фирми и слично.
Работејќи на терен, младите волонтери имаа поддршка од локалното население кое уште еднаш ја покажаа својата хуманост.
И вечерашната забава е можност нашите сограѓани да ја искажат својата хуманост и учествуваат на забавата во кафе бар Шила, од 21 часот. Средствата собрани од прометот од овој настан ќе бидат наменети за остварување на целите на ПХВ проектот „Кров над глава“ и за помош на социјално загрозено семејство од Охрид.