Јолевски: Заедничката соработка клучна за решавање на мигрантската криза

Mинистерот за одбрана, Зоран Јолевски денес оствари средба со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Словачка, генерал Милан Максим, кој е во официјална посета на Република Македонија.

На денешната средба стана збор за пристапувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, претстојниот самит на НАТО во Варшава, учество на Армијата на Република Македонија во операции во поддршка на мирот, идни можни ангажмани. Воедно се разговараше и за безбедносната ситуација во Регионот со посебен осврт на мигрантската криза.

Министерот Јолевски истакна дека односите и соработката со Словачката Република се од стратешко значење за Република Македонија од аспект на приклучување во европските и евроатлантските структури. Тој во оваа прилика додаде дека денешните предизвиците со кои се соочува Европа и светот се менуваат секојдневно и затоа е потребно да се креира заедничка стратегија со цел решавање на актуелните прашања особено во поглед на мигрантската криза.

Во насока на унапредување на соработката, Министерот Јолевски ги понуди капацитетите со кои располага Министерството за одбрана односно Армијата на Република Македонија. Министерот ги посочи Воената академија, Регионалниот центар за односи со јавност, Центарот за обука на пилоти и армискиот полигон Криволак, каде припадниците на Армијата на Словачката Република би можеле да се стекнат како со нови вештини и знаења, така и да разменат искуства и способности со припадниците на АРМ.

Генералот Максим во оваа прилика рече дека соработката меѓу двете армии е добра и дека истата ќе продолжи да се развива во иднина. Тој воедно посочи дека искуството кое го имаат претставниците на АРМ во однос на кризата е големо и дека се подготвени да соработуваат со цел подобрување во справување со ваков тип на кризи.

На денешната средба присуствуваа Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, и Амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Мартин Безак.