Претседателот Иванов заедно со сопругата г-ѓа Маја, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден, денеска присуствуваа на свечената литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски” со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.
Македонскиот претседател на сите православни верници им го честиташе најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден и им посакаа многу здравје, радост, среќа, мир, бериќет и успех.
„На сите што денес го слават Велигден би сакал да им го честитам овој голем христијански празник со традиционалниот поздрав Христос Воскресна, навистина Воскресна. Празникот Велигден не е само воскресение, тоа е празник и момент на лично воздигнување. Како што кажал патронот на нашата црква свети Климент Охридски: Воздигнувањето е престигнување во добрина”, рече претседателот Иванов кој воедно порача сите да бидеме добри граѓани, добри родители, добри деца, да шириме добрина околу нас, затоа што овие моменти најмногу ни треба она што го посакува и Велигден – меѓусебе да си простуваме и да се обединуваме.
„Ни останува да ја сакаме Македонија, затоа што во духот на нашата традиција треба да го сакаме тоа што го имаме, а не тоа што го немаме. Затоа посакувам таа љубов кон Македонија да им ја пренесеме и на сите наши потомци и на вакви моменти да се потсетуваме што се сме дале да ја имаме оваа држава и да си ја чуваме”, додаде претседателот Иванов.
По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов беше примен од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, а синоќа, македонскиот претседател присуствуваше на објавата на Христовото Воскресение во црквата „ Св.Георги Победоносец” во село Трубарево.