Во насока на обезбедување на правата на работниците согласно одредбите од Законот за работни односи, Управата за јавни приходи ја зајакна контрола на нето платата за исплата на работникот (ефективно нето) во МПИН-пресметките.
Имено, работникот има право на заработувачка – плата, во парична форма, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот. Работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата само во законски определените случаи. Со Законот за извршување е уредено дека извршувањето кое може да се спроведе врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата, за побарување врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе до износот од една половина, а за побарувања по друга основа – до износот од една третина на платата или пензијата.
Врз основа на наведеното, во МПИН пресметките воведена е нова контролна мерка за ефективната нето плата за исплата по вработен (поле 3.31 од клиентски софтвер). Доколку работодавачот за одреден вработен внесе нето плата за исплата помала во однос на законски предвидените ограничувања, се генерира предупредување (917) – Ефективната нето плата е помала од нето основицата. За да го корегирате ова предупредување, потребно е пресметката на нето платата да ја усогласите согласно законските одредби.
Управата за јавни приходи ги информира работодавачите дека непочитувањето на законски пропишаниот максимален износ за задршка од плата се третира како ризик и ризичните работодавачи ќе бидат контролирани согласно законите.