Вечерва во Домот на културата во Вевчани со почеток во 19:00 часот и во 20:30 часот, КУД „Дримкол“ ќе го одржи својот традиционален концерт пред својата најверна публика. На концертот ќе учествуваат сите фолклорни ансамбли, изворниот и народниот оркестар, пејачката група „Каданка“ како и нејзини солисти. На програмата се застапени соборски песни и ора од различни краишта на Македонија, но, најзастапено оваа година е Северо-источното играорно подрачје.
„Годишниот концерт за нас представува многу значаен настан, бидејќи имаме прилика да презентираме целовечерна програма пред нашите Вевчанци кој секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Нашата Вевчанска публика има изострен вкус кога е во прашање културата и уметноста, а нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на Дримкол е и голема одговорност и секако почит и љубов кон секој Вевчанец“ – велат организаторите.
Годишниот концерт на КУД „Дримкол“ 15 години наназад се одржуваше во месец Јануари, но, од оваа година истиот ќе биде дел од Пролетните празнични денови во Вевчани.