Заклучно со денеска, болеста „јазлеста кожа“ е потврдена во осум општини. Вкупно 12 животни во 10 одгледувалишта манифестирале клиничка слика и за нив е добиена лабораториска потврда дека се заболени, а 235 се афектирани, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски на денешната прес конференција.
Како што рече Поповски, покрај усмртувањето и нештетното отстранување на заболените грла, превентивно се формирани и заштитни зони со радиус од три километри околу жариштата каде болеста е потврдена, зони под надзор со радиус од 10 километри околу жариштата и зони под ограничување во радиус од 50 километри околу жариштата.
„Болеста „јазлеста кожа“ е локализирана во источна Македонија и е ставена под контрола во сите осум општини каде што е потврдена, Демир Капија, Штип, Василево, Босилово, Радовиш, Струмица, Ново Село и Делчево. Но, поради начинот на нејзиното релативно лесно и брзо пренесување со вектори – инсекти (мушички, комарци, муви,…) не е исклучено натамошно ширење“, истакна тој.
Се смета дека за еден месец би можеле да бидат афектирани 3.000 животни иако, според директорот, секоја прогноза за ширење на болеста би била шпекулација со оглед на начинот на пренесувањето, моментно потпомогнат и од временските услови.
Поповски децидно ги отфрли констатациите за наводно ненавремено реагирање од страна на државата.
„По добиените сознанија за појавата на „јазлеста кожа“ во соседните земји, реагиравме веднаш. Ја исконтактиравме компанијата за вакцини и набавката почна. Вакцините треба да пристигнат до крајот на месецот, а се чека зашто оваа компанија е единствен производител во светот“, објасни Поповски.
Одговорајќи на новинарски прашања, информира дека забраната за дистрибуирање млеко и месо која досега важеше за афектираните подрачја, сега се однесува само на одгледувалиштата каде болеста е потврдена.
Млекото и месото ќе може да се предаваат во заштитните зони, но со одреден надзор, истакна директорот, додавајќи дека болеста и млечните и месните производи воопшто не се опасни за здравјето на луѓето. Како што напомена, забраната и останатите вакви мерки се воведени само заради спречување на ширењето на болеста, а не и затоа што овие производи се штетни.
Обесштетувањето на сточарите, пак, ќе се врши веднаш штом сопственикот на усмртените грла поднесе соодветно барање, а исплатата ќе биде реализирана во најкраток можен рок, со пари од буџетот на Агенцијата.
„Пред убивањето на животните, се прави проценка врз основа на која потоа се врши обесштетувањето. Има уредба со која се пропишани сумите, но ако сточарот не се согласува со сумата, се врши комисиска проценка“, нагласи Поповски.
Болеста „јазлеста кожа“ е типична за африканскиот континент и досега се сметаше за егзотична, но од минатата година, со поместување на некои температурни граници, поволни за векторите (преносители), преку Блискиот Исток се прошири во Турција, а од таму во Грција и Бугарија. Овие две земји засега бројат по околу 7.000 афектирани грла. Болеста е многу присутна и во Израел. Во Македонија „јазлеста кожа“ за прв пат лабораториски беше потврдена на 21 април годинава.