Луѓето што стојат на оваа говорница се менуваат, ама довербата на граѓаните на оваа држава во сината униформа што ја носите е нешто што се гради макотрпно со генерации и трае многу подолго од еден министерски мандат, е пораката што ја упати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешното одбележување на 7-ми Мај, Денот на македонската полиција и 35 годишниот јубилеј од формирањето на Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) „Тигри“, во скопската касарна „Илинден“.
Да се биде припадник на полициските сили никогаш не е лесна задача, нагласи Спасовски, додавајќи дека оваа професија бара многу сериозност, одговорност, подготвеност и пожртвуваност.
„Денес, како никогаш до сега, Вие сте под огромен притисок. Секој ден од почеток да избирате помеѓу одговорноста и прагматичноста, помеѓу достоинството и егзистенцијата, помеѓу храброста и исплатливоста. Секојдневно повторно од почеток, да докажувате дека полицаецот е човек кој зад униформата не ја крие својата човечност, зад штитот не ја крие својата правичност, а зад шлемот не го крие разумот“, рече министерот за внатрешни работи.
МВР, истакна Спасовски, не е само стожер на безбедноста на едно општество, туку е и дом на храбри, чесни и искрени професионалци.
„Предизвиците не се мали, ама и ние не сме ни наивни, ни неспремни. Актуелните домашни состојби, како и регионалните и глобални настани и трендови, го позиционираат и Министерството за внатрешни работи и секој од нас поединечно, неуморно да работи на обезбедувањето стабилност и сигурност во државата и општата безбедност на граѓаните,“ посочи меѓу другото Спасовски и изрази уверување дека заедно ќе може да најдат одговори за многу досега нерешени прашања.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Горанче Савовски во обраќањето потенцира дека низ полициските „Тигри“ од нејзиното формирање до денес продефилирале околу 700 припадници на безбедносните сили.
„ЕСЗ се справува со сите безбедносни високоризични операции и е постојан гарант за мирот и безбедноста на македонските граѓани. Изминатиот период за македонската полиција е исполнет со динамични промени, јасно изразени евроатлантски аспирации, што е поттик во динамичното реформирање на полицијата, но и наша поинтензивна соработка во регионални и глобални рамки“, рече Савовски.
Неспорно е, истакна, дека македонската полиција се етаблираше како кредибилен партнер во регионална и евроатлантска соработка. Со фактот што во изминатиот период преку нашата териротија транзитираа повеќе од милион илегални мигранти, потенцира Савовски, докажавме дека можеме да бидеме во ланецот на европската колективна безбедност во контекст на мигрантската криза. Тоа, оцени, јасно говори за потенцијалите со кои располага оваа институција.
„Полициската работа колку што е чест, толку повеќе е одговорност затоа што во наши раце е безбедноста и сигурноста на граѓаните, а токму тоа останува наша примарна цел и задача. Убеден сум дека како во минатото, така и во овој турбулентен период пред нас македонската полиција ќе докаже дека има капацитет и сила да ја оправда и исполни својата уставна и законска обврска“, потенцира директорот на БЈБ.
Командантот на Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) „Тигри“ Славчо Петрушевски потенцира дека од нејзиното формирање во 2015 година ја имаше, како што рече, можеби најтешката задача ако се земе предвид интензитетот во дејствувањето на криминално-терористичката група кон полициските сили, бројноста на групата, конфигурацијата на теренот и видот на оружјето што го користеа. Припадниците на ЕСЗ, во содејство на припадниците на Единицата за брзо распоредување, истакна тој, манифестирајќи врвен професионализам, висок морал и натчовечка храброст, во 35-часовната операција совлада бројна криминално-терористичка група. Во оваа операција, потсети, за жал, загинаа тројца припадници на ЕСЗ и пет припадници од Едеиницата за брзо распоредување, а повеќе од 30 беа ранети.
Со реализирањето на оваа операција беше спречено преземање терористички активности со цел дестабилизација на државата и многу цивилни жртви, командантот на Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) „Тигри“ Славчо Петрушевски. Потсети дека 2001 година за време на вооружениот конфликт загинаа тројца припадници полициските „Тигри“’, а повеќе од 20 -тина беа ранети и повредени.
На денешното одбележување на 35 години од ЕСЗ беше отворена спомен – куќа во која меѓу другото се поставени и биографиите на загинатите припадници на полициските „Тигри“.
По повод 7-ми мај – Денот на македонската полиција, денеска министерот Спасовски и претставници на семејствата на загинатите припадници на полицијата, положија цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полицијата во кругот на Министерството.