Во тек e постапката за аплицирање за земјоделски субвенции, за прв пат можност за електронско пополнување на барањата

Во тек е постапката за поднесување на барања за земјоделски субвенции. Сите земјоделци кои ги исполнуваат условите имаат право и можност најдоцна до 30 јуни оваа година да ги поднесат своите барања до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.

На тој начин, исполнувајќи ја оваа законска обврска земјоделците се стекнуваат со право да ги добијат средствата од државата која за оваа година издвои над 140 милиони евра за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

По примерот на најразвиените држави, новина оваа година е можноста земјоделците да ги пополнат обрасците на барањата за добивање на субвенциите по електронски пат. Воспоставен е електронски систем кој овозможува оние земјоделците кои имаат познавање од компјутерски вештини да ги внесат потребните податоци во барањето преку компјутер. Со примена на оваа можност земјоделците ќе заштедат во време, односно наместо да поминуваат повеќе часови во подрачните единици на министерството за земјоделие и таму да ги пополнуваат обрасците, претходно пополнетите и испечатени потпишани обрасци ќе ги предадат во подрачните единици за не повеќе од неколку минути.

Покрај тоа што ќе заштедат во време, земјоделците кои ќе ги пополнат податоците по електронски пат ќе помогнат и во поголемата ефикасност на институциите, односно ќе придонесат сите овие електронски внесени податоци да бидат побрзо и поефикасно обработени.

gjorgjiev-za-subvencii-640x3711m

„Како Влада континуирано ги зголемуваме средствата за поддршка на земјоделието, а паралелно со тоа работиме и на унапредување на системот во функција на обезбедување поголема достапност и максимална искористеност на истите тие средства. Во досегашниот период обезбедена е стручна помош за пополнување на барањата за субвенции, отстранета е обврската за поднесување на документи за коишто органите на државна управа водат службена евиденција, воведен е интегриран систем за земјиштето, а сега се воведува и една новина во функција на електронско пополнување на податоците за барањата за субвенции, кое е прв чекор од интенцијата за што поголема електронизација за земјоделството, особено за оние помлади категории земјоделци. Роковите за поднесување на барањата се до 30 јуни оваа година. Апелираме земјоделците навреме истите да ги поднесат искористувајќи го и традиционалниот начин на пополнување на барањата во подрачните единици со обезбедена стручна помош или, пак, на овој нов начин со електронско внесување на податоците и потоа едноставна достава на поднесокот, се со цел да си ги добијат средствата коишто ги имаат заслужено“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Покрај оваа новина, останува и стариот систем на поднесување на барањата и обрасците, иако цел на државата е во следниот период да влијае на зголемувањето на употребата на електронски и компјутерски системи кај што поголем број на земјоделци. Во тој контекст за земјоделците кои не се во можност да ги пополнат електронските барања останува можноста да ги пополнат обрасците на лице место во подрачните единици притоа користејќи ја бесплатната помош од страна на вработените во министерството за земјоделство и агенцијата за земјоделство.

Согласно програмата за финансиска поддршка за земјоделството право на аплицирање во предвидениот рок имаат земјоделците кои се занимаваат со растително производство односно со полјоделство, градинарство, лозарство, овоштарство и производство на сертифициран семенски и саден материјал како и земјоделците кои се занимаваат со сточарство односно со одгледување на говеда, овци, кози, свињи, живина и пчели.

Рокот за поднесување на барањата е до 30 јуни и од Владата информираат дека и во 2016 година се очекуваат над 80 илјади барања за субвенции.