Во преубавиот амбиент во манастирскиот комплекс „Св. Наум“ синоќа свечено беше отворена првата меѓународна конференција за авантуристички(активен) туризам што од 10 до 12 мај се одржува во Охрид.
Со погача, ракија, локум и со препознатливите звуци на „Билјана платно белеше“ беа пречекани претставниците на дипломатскиот кор во земјава, над 300 туроператори и новинари од „Лонли планет“, „Национал географик“,„Њујорк тајмс“ , “Гардијан“ и други светски медиуми кои се дел од настанот. Тие имаа можност да вкусат специјалитети на традиционалната охридска и македонска кујна, а дегустираа и од надалеку познатите македонски вина.
Во улога на домаќин на отворањето на настанот присутните ги поздрави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
„Во името на охриѓани, ви посакувам најтопло добредоје во нашиот древен Охрид. Голема благодораност до г-ѓа Лејла Крстевска, директорката на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот и до преставниците на Меѓународната Асоцијација за активен туризам, за нивниот труд, со кој ни ја овозможија привилегијата, Охрид и Македонија да бидат домаќини на ваква респектибилна меѓународна конференција.Верувам дека во текот на денот уживавте во обиколките на Охрид и успеавте да открите барем еден мал дел од “откинатиот дел од рајот“, како што многумина го нарекуваат нашиот град, кој засекогаш ќе зароби дел од вас, за повторно и повторно да му се навраќате и да бидете наши драги гости.Убеден сум дека на работните сесии ќе имате плодна работа, од која ќе произлезат многу идеи и проекти кои во иднина ќе можат да се реализираат во Македонија и на поширокиот Балкански регион. Почитувани присутни, вечерва се наоѓаме во манастирскиот комлекс Свети Наум, едно од најзначајните духовни светилишта за Македонците и славјанксиот род, за кое во една прилика, великанот на Македонската литература, Блаже Конески ќе изусти : “Убавино, ти ме заморуваш“ – мислејќи на надрелната убавина која ќе ви ги допре најскриените дамари на вашата душа и ќе ја облагодари вашата личност. Со оваа мисла ве оставам да уживате во преостаниот дел од оваа вечер“– рече Бакрачески.
Специјалниот советник во Светската туристичка организација, Маријан Хрибар во своето обраќање истакна дека Охрид со сигурност во наредниве десет години ќе биде туристичка топ дестинација
„Запомнете што кажувам на ова место и од оваа говорница затоа што кажаното со сигурност ќе се исполни. Охрид ќе биде топ туристичка дестинација и најпосетувано место во нареднава декада. Сигурен сум дека во наредниве денови ќе се вљубите во Охрид и Македонија, јас тоа го направив неколку години порано. Сакам на сите да ви посакам успех. И понатака бидете иновативни, подобри од останатите и конкурентни во светот. Вие имате потенцијал за сето тоа“– им порача на организаторите Хрибар .
Амбасадорот на САД во Р. Македонија, Џез Бејли посочи дека во Македонија има предуслови за развој на авантуристички туризам кој треба да биде ставен во функција на остварување економски бенефит.
„Сфативме дека овде во оваа земја има голем потенцијал за развој на авантуристички туризам. Последниве неколку години работевме Македонија да биде дел од светската туристичка мапа. Таа веќе стана нејзин дел, а доволна потврда за тоа е огромниот број на посетители на оваа вечер. Денес видовте и слушнавте за дел од убавините на Охрид, езетото, регионот и оваа држава .Зад ова езеро и место во југозападниот регион на земјава има уште многу интересни места со голем туристички потенцијал кои заслужуваат да се истражат. Да бидам искрен јас сум само турист во овој град и држава кои имаат потенцијал за развој на активниот туризам“- подвлече Бејли.
Претседателот на АТТА, Шенол Стол истакна дека Охрид и Македонија се дестинации со туристички потенцијал кој многу ветува.
„Овие денови ќе направиме големи чекори напред. Многу од претставниците на АТТА за прв пат се во Македонија. Сме виделе многу низ светов, сме патувале на многу дестинации, но знам дека овде ќе се соочиме со многу предизвици и специфични работи. Во оваа земја и град има нешто посебно:чиста животна средина, автентични работи и гостопримливи луѓе. Затоа сум сигурен дека на овој пат сите ние ќе бидеме воодушевени“ – рече Стол.
Пред присутните се обратија и амбасадорката на Швајцарија во Р. Македонија, Сибил Зутер -Техада, директорката на Агенцијата за развој и промоција на туризмот ,Лела Крстеска, и претставничката од од Генералниот секретаријат на Владата, Ромела Поповиќ – Трајкова.
Организатори на овој голем меѓународен настан чија цел е да го прикаже Балканот како регион кој е подготвен за ренесанса во сферата на активниот туризам се Општина Охрид заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија ,Швајцарската влада и САД.
Кајакарење, велосипедизам, планинарење, рибарство, јавање коњи и магариња, параглајдерство, едрење беа само дел од бројните авантури со кои вчера започна конференцијата. Учесниците на настанот се поделени во 27 групи и во наредниве денови ќе ги посетат Вевчани, Крушево, Галичица, Велестово, Куратица, Маврово и други места.