Попоски: Доаѓањето на Хајндл позитивен сигнал од Берлин

Министерот за надворешни работи Никола Попоски потврди дека германскиот специјален претставник за Македонија амбасадорот Јоханес Хајндл утре ќе пристигне во Скопје, оценувајќи го тоа како позитивен сигнал од Берлин.

„Се работи за позитивен сигнал со самиот факт што Германија покажува интерес дека сака да биде подиректно вклучена во процесите кои се случуваат во нашиот поширок регион и конкретно во РМ. Има најмалку две работи за кои Германија може да ни помогне. Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици“, рече Попоски кој денеска се обрати на предавање пред студентите од Виенската дипломатска академија во македонското МНР.

Запрашан кој би бил начинот да се спаси препораката на ЕК за почеток на преговорите во контекст на вчерашната изјава на евроамбасадорот Аиво Орав за итно надминување на политичката криза и дали има информации кои би биле мерките кон Македонија доколку препораката биде повлечена, Попоски нагласи дека не би сакал воопшто да говори за такво сценарио во кое препораката би била повлечена.

„Тоа би било негативно за Македонија во кој било аспект, од економски, од политички аспект, како и од аспект на нашите аспирации за членство во ЕУ. Затоа мислам дека треба да направиме се такво нешто да не се случи и мислам дека ова треба да го гледаме во една поширока рамка. Македонија веќе шест години има докажано, покажано и тоа е утврдено и од ЕК и од ЕП, дека е способна и нема никакви пречки да води преговори за членство со ЕУ. Знаеме која е клучната пречка за водење преговори. Секако дека во тој временски период поголем е ризикот да се зголемат фрустрациите и да се изгуби од видик пошироката слика за членство на Македонија во ЕУ“, рече Попоски.

Но, додаде тој, тука постојат двојни обврски од македонска страна, но и од страната на ЕУ.

„Од една страна предизвиците со кои се соочуваме ние на политички план се исклучително предизвици кои треба да ги надминеме со македонски ресурси, со наши напори и со дијалог помеѓу ние кои одлучуваме во РМ. Од друга страна нашите европски партнери треба да ни помогнат дека кога тоа се случува следи од другата страна пружена рака односно обезбедување на кредибилен процес за пристапување на РМ кон ЕУ и тоа, мислам е фер да го очекуваме“, изјави Попоски.

Тој се согласи дека во овој момент во фокусот е политичката криза, која вели, трае подолг временски период и не чини премногу за да не се посветиме на неа, но подвлече дека таа треба да биде надмината благодарение на напорите кои ние треба да ги вложиме во РМ.

„Но, тоа би го одвоил од фактот дека подолг временски период и во услови во кои имаше политичка криза, а имаше препорака за водење преговори, тоа не се случи. Не можете да замислите дека земја како Македонија која е толку отворена и толку поврзана со соседството и каде што европската приказна е најсилен кохезивен фактор, доколку ја исклучите нема да има негативни последици. Не мислам дека треба да бараме никаде на друго место. Наша одговорност е и со наши ресурси ќе ја надминеме оваа криза. Но, не треба да заборават и оние кои сакаат да го задржат тој процес на маса односно сите партнери во ЕУ дека треба час поскоро потоа да бидеме наградени со водење на преговори со ЕУ“, дециден е Попоски.

Запрашан до каде е процесот за изнаоѓање решение за политичката криза, посочи дека секој час поскоро постигнување решение е подобро и повтори дека какво било решение треба да биде производ на македонските политички фактори во РМ, бидејќи, вели, само такво решение може да биде одржливо на подолг временски период.

За ситуацијата во Идомени каде се уште се стационирани над десетина илјади бегалци на македонско-грчката граница од грчка страна, шефот на македонската дипломатија оцени дека тоа е голем предизвик за нас, но и за грчките власти, бидејќи целта е, вели, тие што поскоро да бидат преместени во центрите за прием на бегалци. Тоа е, посочува, не е само наш, туку и грчки интерес да се случи поскоро заради хумани причини – и поради безбедносни причини бидејќи многу лесно тие лица можат да станат жртви на криумчарење со луѓе.

„Во овие услови кои сега ги имаме се случуваа до стотина гранични инциденти во кои индивидуалци или групи на бегалци помогнати од криумчари со луѓе се обидуваа да ја преминат границата. Наша обврска е тоа да го спречиме. Сметам дека комуникацијата со грчките власти е подобрена во изминатиот временски период и мислам дека кај нив е зголемена свеста дека определени активисти и невладини организации кои ги поттикнуваа бегалците на многу ризични операции за криумчарење преку граница не прават добро за никого и конечно треба заедно да работиме за да го спречиме овој процес“, изјави министерот Никола Попоски.