Околу 40-тина студенти од Виенската дипломатска академија во рамки на нивната посета на Македонија денеска во просториите на Министерството за надворешни работи присуствуваа на предавање на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
По тој повод Попоски изјави дека посетата, која не е прва на група студенти од оваа оваа врвна светска дипломатска институција е значајна од фактот што овозможува да ги продлабочиме врските со членка на ЕУ која е од стратешко значење на Македонија и која во континуитет не поддржува од моментот на потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
„Втората причина е фактот што Дипломатската академија низ годините продуцира врвни кадри. Некои од нив станале претседaтели на Република, други се врвни дипломати, успешни луѓе во се она што го прават и значајно е во рана фаза во текот на нивното обрзование да дојдат во Македонија, да ја посетат и да понесат малку и од македонското искуство со нив назад во Виена во рамки на нивните работи во нивниот професионален ангажман. Конечно, го цениме овој гест бидејќи е дел од една поширока соработка помеѓу Македонија и Австрија и е поврзана со нашите главни цели за економски развој и за членство во ЕУ“, рече Попоски.
Директорот на Виенската дипломатска академија амбасадорот Ханс Винклер изјави дека во посета на МНР носи 42 студенти од 22 земји и за сите нив ова е прва посета на Македонија и на регионот. Тоа е, вели, особена прилика која многу ја ценат студентите од земји надвор од Европа за да го запознаат регионот од прва рака, бидејќи, нагласува, не е доволно само да се читаат книги и да се посетуваат предавања, оти многу поинаку е кога се среќавате со луѓе, со лица носители на одлуки.
– За нас од дипломатската академија која е најстара институција од овој вид востановена уште во 18 век, традиција е да се организираат посети на наши студенти на земји од Балканот. Ова е уникатно искуство за нив.За нас во Австрија, Македонија и регионот се и остануваат да бидат од приоритетно значење. За нас приближувањето на сите земји од Западен Балкан поблиску до ЕУ е апсолутен приоритет.
Според Попоски, на Виенската дипломатска академија досега се образувале триестина македонски дипломати.