Денес, во просториите на Инфо центарот на Европска Унија се одржа завршен настан за Твининг проектот „Завршување на постапката за пристапување кон Конвенцијата за Заеднички транзитни постапки и Конвенцијата за поедноставување на формалностите во трговијата со стока“ .
Проектот се имплементираше 21 месец, со стручна помош од Финансиската управа на Република Словенија, со финансиска конструкција од 947 илјади евра, од кои околу 900 илјади евра се средства финансирани од страна на Европската Унија, додека останатите (околу 47 илјади евра) се национално кофинансирање обезбедено од страна на Владата на Република Македонија.
Основната цел на проектот беше доближување на начинот на спроведување на царинските постапки во Република Македонија кон европските стандарди и најдобри пракси.
Со негова поддршка Царинската управа на Република Македонија на 1 јули 2015 година стана дел од заедничкиот транзите систем на ЕУ. Успехот се должеше на заедничка напорна и посветена работа во која, како надополнување на спроведеното усогласување на националното примарно и секундарно законодавство во делот на транзитот и единствената царинска декларација со Конвенциите за заедничка транзитна постапка и поедноставување на формалностите во трговија со стока, беа направени одредени промени во организациска поставеност со зајакнување на одредени организациони единици кои се главни носители на заедничката транзитна постапка, беше обезбедено електронско комуникациско поврзување со Европската Комисија, беше подготвен, инсталиран и повеќе пати успешно тестиран компјутерски систем за транзит т.н. Нов компјутеризиран транзитен систем, кој е основа за спроведување на транзитната постапка преку размена на електронски пораки помеѓу застапниците во царинската постапка и царинските испостави, како и помеѓу самите царински испостави.
Како составен дел од проектот беа спроведени голем број обуки на царинските службеници и шпедитери за нивна подготовка за успешно работење во рамките на заедничкиот европски транзитен систем.
Исто така, во рамки на проектот беа подготвени повеќе упатства и инструкции со кои се олесни постапувањето на царинските службеници при спроведување на транзитот, примената на Новиот компјутеризиран транзитен систем, постапките за овластен примач и овластен испраќач, испитната постапка и наплатата на царински долг во транзит, гаранциите во транзит, како и упатства за поедноставени царински постапки, постапки за спроведување на контроли после царинење и царинење на стока со царинска декларација поднесена во електронска форма.
На настанот свое обраќање имаа г-дин Бранко Раковец, амбасадор на Република Словенија, Јаромир Левичек, раководител на економскиот оддел при Делегацијата на ЕУ, Петер Грум заменик директорот на Финансиска управа на Република Словенија и Наташа Радеска Крстевска, директор на Царинска управа на Република Македонија, кои ја истакнаа значајноста на проектот и остварените резултати, постигнати благодарение на одличната соработка помеѓу словенечката и македонската администрација, како и поддршката од Европска унија и Владата на Република Македонија.