Словенија ја победи Македонија со 30-28 во осминафиналето на Светското првенство во ракомет кое се игра во Катар.
Прв напад и први во водство дојдоа нашите ракометари, но Словенците веднаш не само што изедначија туку и ја презедоа иницијативата на овој натпревар. Се играше цврста гол-гол игра, Словенија поведуваше, а Македонија израмнуваше. Македонија на средината од првото полувреме успеа повторно да дојде во водство со резултат 6-7, но Словенија изедначи и повторно дојде до предност од еден гол, а по промашениот пенал од Кире Лазаров, Словенија ја зголеми предноста и на два голови разлика со резултат 11-9. Македонија успеа веднаш да намали, а по неколку грешки во играта на Словенија, нашите повторно израмнија, овој пат на 13-13. Повторно следуваше игра со водство на Словенија од еден гол се до последната минута кога Македонија успеа да изедначи на 15-15, но не го задржа тој резултат до паузата. Словенија сепак успеа да постигне гол во последните секунди и да замине на полувреме со предност од 16-15.
На самиот почеток од второто полувреме Словенија зголеми на 17-15 и кога беше на прагот од три голови предност следуваше одбрана на Борко Ристовски, а и израмнување на 17-17 при следните наши напади. Словенија повторно дојде во водство. По 7 минути игра во второто полувреме Миркуловски заработи црвен картон, а Словенија дојде до предност од три голови 21-18. Следуваше добра игра на Словенија, ефикасно во напад, но добро и со многу среќа во одбрана. На десет минути до крајот Словенија дојде до предност и од четири голови 27-23. Македонија иако успеа да ја намали таа предност на два голови, Словенија не дозволи изненадувања до самиот крај за победа од 30-28.
Промашените пенали на нашите ракометари, нашите нереализирани напади еден на еден и многуте стативи зборуваат дека нашата репрезентација немаше доволно среќа за пласман во четвртфиналето. Овој пораз значеше и крај за учеството на Македонија на ова светско првенство.
WebOhrid