Собранието ги врати Чавков и Спасов за министри во владата

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на почетокот на првата седница откако Уставниот суд ги стави во мирување сите претходно досени одлуки ги констатираше оставките на министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ременски, како и на дополнителните заменици – министри од редовите на СДСМ. Веднаш потоа беа избрани „нови“ министри – Митко Чавков за министер за внатрешни работи и Диме Спасов за министер за труд и социјална политика.

На седницата беа констрантирани оставките на Љупчо Николовски, дополнителен заменик министер за земјоделство, Александар Кирацовски, дополнителен заменик министер за информатичко опшетство и администрација и Кире Наумов, заменик-министерот за финансии.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски го праша техничкиот премиер Емил Димитриев, зошто и тој не поднесе оставка, бидејќи е назначен за организирање на изборите. Димитриев не одговори на пратеничкото прашање.

За време на гласањето на новите министри, пратениците на СДСМ кои на реверите носеа беџеви на „Протестирам“, ја напуштија салата.

По втората точка за измена на Изборниот законик, Собранието ќе заседава во 18 часот.

Извор: meta.mk