СДСМ Дебрца: Бараме свикување на итна седница во врска со најавената изградба на бетонската и асфалтната база во Ново Село

Советничката група на СДСМ во Советот на општина Дебрца, испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Во врска со најавите за изградба на бетонска и асфалтна база во местноста “Царополе”, во атарот на село Ново Село ( според последните сознанија градежните работи се започнати ) и изразениот револт на граѓаните на Дебрца на мирниот протест, како советничка група во советот на општина Дебрца бараме свикување на итна седница на советот на општината на која градоначалникот на општината ќе достави информација за новонастанатата состојба со најавената изградба на бетонската и асфалтната база. Во информацијата посебно да се даде одговор на следните прашања :

-како е можно вакви објекти да се градат на земјоделско земјиште, ако се има во предвид дека за местноста “Царополе” не е донесен урбанистички план или локална урбанистичка планска документација ?

-дали инвеститорот или изведувачот се обратиле до општината со барање за одобрение за градење и дали изработиле документ за оценка на влијанието на проектите врз животната средина ?

-ако тоа не го сториле, дали инспекциски служби на општината надлежни за надзор над прописите за градење излегле на терен да проверат дали инвеститорот или изведувачот ги имаат обезбедено потребните документи за градење, кој им ги издал и ако немаат дали се преземени мерки за стопирање на градежните работи ?

Бараме на седницата на советот на општината да се поканат претставници на инвеститорот и изведувачот на работите и на засегнатите граѓани.

Не сме против изградбата на наведените објекти, но во целост ја разбираме загриженоста на граѓаните и се согласуваме со забелешките искажани на мирниот протест.

Цениме дека наместо на локација со плодно земјоделско земјиште, која гравитира непосредно до населени места и природната реткост “Белчишкото блато”, кое е нашето најзачувано блато во оригинална форма, наведените објекти да се изградат на друга локација, каде негативните еколошки влијанија би биле помали. “- стои во соопштението.