Со традиционален поздрав со воден мост, овој петок, рано изутрина „ТАВ Македонија“ посака добредојде на првиот лет од Прага до аеродромот „Александар Велики“ со што, по пауза од четири години, заедно со „Чех ерлајнс“ се обнови редовната линија меѓу Скопје и главниот чешки град. Леталото во три часот истото утро замина за Прага и на тој начин беше реализиран и првиот повратен лет помеѓу двете дестинации.
„Особено сум задоволен што нашата намера да се обнови редовната врска меѓу Скопје и Прага, што официјално ја најавивме на почетокот на декември, се оствари. Почнувајќи од денеска, патниците од двете земји ќе можат целосно да уживаат во придобивките на директната конекција меѓу двата града, без сложени трансфери и непотребни преспивања. Развојот на оваа рута се движи во рамките на нашите очекувања. На патниците им нудиме привлечни денови за летање, што опфаќа утрински полетувања од Скопје и вечерни заминувања од Прага, односно се обезбедува максимална употреба на престојот во Чешка. Ова ќе им одговара и на туристичките и на бизнис, како и на корпоративните патници“ – вели Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“.
Освен редовно закажаните услуги, „Чех“, исто така, ќе ги обнови своите активности и во сегментот за чартер-превоз на македонскиот пазар. Почнувајќи од 1 јули и траејќи до 9 септември, компанијата, секој петок, ќе овозможи чартер-летови за „АСА тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит. Оваа активност ќе се реализира поврзано со летовите Скопје – Прага.
„Навистина сме среќни што со почетокот на линијата Скопје-Прага остваривме уште едно барање на нашите ценети патници, а тоа е директна линија до еден од најубавите главни градови во Европа – Прага. Веруваме дека таа ќе биде многу интересна за сите групи корисници, односно страсни патници од двете земји, без разлика дали се работи за студенти, уметници, бизнисмени и иселеници. Очекуваме поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија, повеќе чешки туристи и зголемување на карго-превозот“ – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
„Чех ерлајнс“ ќе лета до Прага од Скопје секој понеделник и петок во раните утрински часови, во 3:30 часот. Стартувајќи од 29 јуни, компанијата ќе додаде уште еден термин на рутата, во среда од 4:10 локално време, со што фреквенцијата ќе се зголеми на три лета неделно меѓу двата града и огромен број поврзани летови до други дестинации од чешкиот главен град.
Повратните летови ќе заминуваат од Прага секој четврток и недела навечер, во 22:25 по локално време и ќе пристигнуваат во Скопје по полноќ. Почнувајќи од 28 јуни, превозникот ќе додаде и термин во вторник, којшто ќе полетува од Прага во истото време, во 22:25.
Летовите ќе се реализираат со модерно летало „Ербас А319“ со капацитет од 144 седишта од бизнис и економската конфигурација за време на главната летна сезона, додека побавните периоди линијата ќе ја опслужува авион со турбо пропелери од типот „АТР 72-500“ чијшто капацитет е 70 патници. „Чех“ планира услугата да функционира во текот на целата година.
Цената на билетите во еден правец од Скопје до Прага почнува од 75 евра, додека повратните ќе можат да се купат од 144 евра, со сите вклучени такси. Тие можат да се купат од веб-страницата на компанијата – www.czechairlines.com – како и преку туристичките агенции, продавниците за билети или други места за онлајн-продажба. Како дополнување на враќањето на македонскиот пазар, „Чех ерлајнс“ воспостави и ново место за продажба на билети во центарот на Скопје, во соработка со туристичката агенција „Атлас корпорејшн“.
Во рамки на цената на билетите е вклучен и бесплатен транспорт на едно парче кабински багаж од осум килограми и еден чекиран багаж од максимум 15 килограми. За летовите до Прага патниците можат удобно и бесплатно да се чекираат директно на шалтерите на аеродромите или да ја користат опцијата за онлајн-чекирање, што може да се реализира и 36 часа пред закажаниот термин за полетување. Овој тип на чекирање е достапен преку интернет-сајтот на компанијата, www.czechairlines.com, преку смартфони и од апликацијата на превозникот, која што е достапна за сите основни оперативни системи – „Иос“, „Андроид„ и „Виндоус“. Возможна е промена на веќе издадени билети, набавка на дополнителни услуги, како избор на седишта, подобрување на менито, поголем багаж, преку апликацијта „Мај букингс“, достапна на веб-страницата на „Чех“.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Св. Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510.
Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 486.968 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15%.