Во Музејот на ВМРО синоќа беше промовирана монографијата за реномираниот естраден уметник со богата повеќедецениска кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска, на која во 2013 година Министерството за култура ѝ ја додели титулата национален уметник. Автор на оваа монографија е Славе Николовски-Катин, а книгата е во издание на „Македонска искра“ и Асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје.
„Оваа значајна монографија на своите 410 страници мошне импресивно и умешно ја овековечува одисејата на Реџепова, во форма на еден биографско-публицистички времеплов за 55-те години на сцената на Реџепова-Теодосиевска и нејзиниот животен сопатник, истакнатиот музички уметник Стево Теодосиевски“ – рече во изјавата за медиумите министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која присуствуваше на промоцијата.
Есма Реџепова-Теодосиевска во последните децении се етаблираше во сите европски и светски центри и ја промовираше македонската култура во меѓународен контекст. Во текот на своето 55-годишно активно музицирање, Есма учествувала на врвни музички фестивали и манифестации низ светот, со што даде голем придонес во афирмирањето на македонската култура и традиција надвор од нашата држава.
Есма Реџепова-Теодосиевска има остварено повеќе од 12 000 солистички концерти во Република Македонија и надвор од неа. Во дискографијата на Есма се наведени 15 албуми за домашни и странски продуцентски куќи, а остварила соработка со еминентни музички светски имиња. Ова ексклузивно издание, освен во Скопје, ќе биде промовирано и во Кочани, Белград, Брисел, САД, Канада и Австралија.