Билатерални средби за време на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за време на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул, оствари средби со претседателот на Турција г. Реџеп Таип Ердоган и со премиерите на Грција и Словенија г. Алексис Ципрас и Миро Церар.

На средбата со турскиот претседател г. Реџеп Таип Ердоган, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција и подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Во разговорите, претседателите разменија мислења и информации за состојбите со мигрантската криза, за актуелните политички состојби во земјите, како и за прашања поврзани со енергетската безбедност и гасоводни проекти.

Претседателот Ердоган го информираше претседателот Иванов за состојбите и предизвиците со кои се соочува Турција во однос на бегалската и мигрантската криза, како и во борбата против тероризмот. Во тој контекст го информираше и за спроведувањето и перспективите на Договорот ЕУ-Турција за справување со мигрантската криза.

Македонскиот претседател го информираше неговиот турски колега за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата. Претседателот Иванов го запозна претседателот Ердоган со состојбите и заканите на нашата јужна граница, кои се предизвикани од зголемениот степен на илегална миграција и неодамнешните насилни обиди за илегално влегување на македонска територија.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.

Двајцата претседатели се согласија дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во насока на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од тероризмот, насилниот екстремизам и илегалната миграција.

На средбата сo премиерот на Грција г. Алексис Ципрас се разговараше на повеќе теми во контекст на билатералните односи, предизвиците од мигрантската криза, и актуелните политички и економски состојби во двете земји. Во однос на билатералните односи двајцата соговорници ги поздравија напорите што се прават преку имплементацијата на мерките за градење на доверба и се заложија за почести контакти на високо и највисоко ниво. Во таа насока се разговараше за заеднички проекти за инфраструктурните поврзувања и прекуграничната соработка.

Соговорниците се согласија дека треба да се работи на унапредување на економските врски меѓу двете земји. Премиерот Ципрас извести за актуелните економски состојби во Република Грција, и предизвиците од мигрантската криза.

Претседателот Иванов, на интерес на соговорникот, истакна дека политичкaта криза во Република Македонија трае предолго, дека е потребно што е можно побрзо да се стави крај на истата и дека единствениот начин за тоа е спроведување на фер и демократски избори.

Двајцата соговорници разменија мислења за бегалската и мигрантската криза особено за состојбата во бегалскиот камп Идомени и обидите за илегални премини во Република Македонија. Претседателот Иванов и премиерот Ципрас се согласија дека треба да се внимава како на хуманиот така и на безбедносниот аспект на кризата.

На средбата со словенечкиот премиер г. Миро Церар, двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на билатералните односи и соработката, и разменија мислења и информации за мигрантската криза, за состојби во регионот како и за актуелните политички и економски состојби во двете земји.

Премиерот Церар упати честитки и благодарност за улогата на Република Македонија во справувањето со бегалската криза. „Македонија направи и прави голема работа за Европа”, истакна Церар.

За време на средбата, претседателот Иванов го информираше премиерот Церар за политичката состојба во нашата држава. „Предолгата политичка криза во Република Македонија сериозно влијае на капацитетите на државата за соочување со предизвиците, како мигрантската криза и безбедносните аспекти поврзани со истата”. Неопходно политичките лидери да покажат одговорност кон интересите на граѓаните и државата, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов побара позасилен ангажман од Словенија во насока на остварување на македонските стратешки цели и приоритети, членствата во ЕУ и НАТО.

????????????????????????????????????
????????????????????????????????????