Заев: Нема алтернатива за комплетно поништување на аболицијата

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Чарлс Едмунд Гарет.

На состанокот се разговараше за продлабочената политичка криза во Македонија по едностраните одлуки од власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за парцијална аболиција и укинување на техничката Влада, формирана да организира и спроведе фер и регуларни избори.

Претседателот Заев го информираше британскиот амбасадор дека разговори со Груевски за организација и спроведување избори нема и нема да има додека не се повлече целосно аболицијата.

-Нема алтернатива за комплетно поништување на аболицијата, соопшти претседателот Заев кој потсети дека ова е принципиелен став и на ЕУ и САД.

Изразена е заедничка согласност дека спроведувањето селективна правда би значело катастрофа за правото и правдата и ризик за продлабочување на усложнетата политичка ситуација.

На средбата се разговараше и за следните чекори на СДСМ и здружената опозиција кои ги поддржуваат граѓаните кон воспоставување на правниот поредок во Македонија и организирање и спроведување фер и регуларни избори на коишто ќе биде избрана легитимна Влада.