Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски им го честита на граѓаните на Македонија големиот празник, 24 Мај, денот на словенската писменост и култура.
„Почитувани сограѓани,
Ми претставува особено задоволство во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам 24 мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
На овој голем празник нашата држава и сите ние се поклонуваме пред ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, како неизмерно значајни личности од нашата историја и нашето културно, етничко и духовно постоење како народ и нација. Со создавањето на Глаголицата, многу народи, меѓу кои и македонскиот народ, добија можност да ги примат и шират христијанските вредности, да творат и да напредуваат на свој близок и разбирлив јазик. Ваквиот потфат, целокупната просветителска и мисионерска улога на Кирил и Методиј, како и големиот број нивни ученици кои ја продолжија нивната епохална дејност во Македонија и во светот, претставува дело кое е тешко замисливо, а уште потешко остварливо од било кој современик во Македонија. Сепак, тоа е подвиг кој инспирира, подвиг кој потврдува дека со љубов, со труд, со постојаност, секој човек и секоја генерација може да остави дела за паметење, дела кои ќе го надживеат и ќе останат долго да се паметат и да им служат на генерациите кои доаѓаат.
Во тој дух, да празнуваме и да се радуваме што живееме и твориме на земја во која твореа светите апостоли Кирил и Методиј, да бидеме горди на нивното наследство, да си го сакаме, чуваме и почитуваме сопствениот јазик, сопствената култура, сопствената држава, своето минато, сегашност и иднина.
Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот државен празник Свети Кирил и Методиј!“- стои во честитката.