Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, денес и утре учествува на меѓународна конференција во Букурешт, Романија, посветена на Безбедносните предизвици на Балканот, а организирана од Новиот Стратегиски Центар, романска тинк-тенк организација и од Универзитетот од Букурешт.
„Денес земјите од Југоисточна Европа и пошироко во Евроаталнтската област се соочуваат со бројни безбедносни предизвици и закани како тероризмот, организираниот криминал, верскиот радикализам и екстремизам, сајбер нападите и многу други“, истакна заменик министерот во своето обраќање пред присутните делегати и експерти. Не постои земја, додаде заменик-министерот, која е имуна на предизвиците и заканите, особено имајќи предвид дека денешниот современ свет се карактеризира со брзи, комплексни и динамични промени кои носат брзо еволуирачки предизвици и закани.
Како пример, заменик-министерот ја спомена мигрантската криза која сериозно ги предизвика безбедносните системи не само на земјите-членки на Алијансата и на ЕУ, туку и земјите од т.н. „Западен Балкан“. „Мигрантската криза покажува дека потребата за безбедност денес е универзална затоа што ниту една земја не може да биде комплетно изолирана од безбедносните предизвици. Балканските држави ја интензивираа својата соработка во сите области, вклучувајќи ја одбраната и безбедноста. Тоа придонесе кон изградба на здружени механизми за справување со актуелните закани“, додаде тој.
Од аспект на Република Македонија, заменик-министерот порача дека НАТО и ЕУ се клучните столбови на безбедноста, особено преку улогата на овие организации во развојот на демократијата и демократските вредности,како и реформите во безбедносниот сектор. „Република Македонија е свесна за влијанието на глобалните стратегиски промени. Ние континуирано ги надградуваме постојните, но развиваме и нови способности за справување со безбедносните предизвици, на национално и меѓународно ниво“, додаде Максути.
Пред присутните заменик-министерот порача дека Македонија ги следи безбедносните предизвици во регионот, ги развива сопствените капацитети и останува на патот на евроатлантските интеграции.
Воедно, на маргините на конференцијата заменик-министерот оствари одвоени средби со државниот секретар во министерството за одбрана на Романија, Стефан Александру Тинка и со началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, генералот Николае Циука. На средбите заменик-министерот изрази задоволство од одличната соработка помеѓу двете министерства, армии и држави и порача дека постои простор истата да се продлабочува во иднина.