Дваесет години од формирањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) беа одбележани денеска во Софија со Самитот на шефови и влади на земјите членки на иницијативата на кој учествуваше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Самитот, насловен „ПСЈИЕ – 20 години клуч кон регионална соработка” е всушност последниот настан што се организира во рамки на бугарското претседателство со ПСЈИЕ, кое од денеска го презема Хрватска.
Македонскиот претседател Иванов изјави дека главната порака од јубилејот од основањето на ПСЈИЕ се праќа до младите во регионот дека своите очекувања може да ги остварат во регинот. Членки на ПСЈИЕ се 13 држави од регионот, што во бројки би значело околу 150 милиони жители.
„Со самото тоа што овој Самит се држи во еден иновативен парк (Софија Тех Парк) се праќа порака до младите дека своите очекувања може да ги остварат и тука, а не да одат и своите знаења да ги пренесуваат во развиените земји. Ова е еден симболичен почеток и рестартирање на еден процес, кој е многу попрагматичен и директен затоа што се занимава со прашања како инфраструктура, енергија, меѓусебно поврзување, проекти од кои имаат корист целиот регион“, рече Иванов.
Овој процес, како што додаде македонскиот претседател, доведе до дијалог и помирување меѓу државите, враќање на довербата и комуникација на сите што живеат во регионот.
Претседателот Иванов во обраќањето на Самитот, како што информира неговиот кабинет, ја реафирмирал македонската позицијата дека и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и дека е силно посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Македонија се залага за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување на странски инвестиции.
На отворањето, домаќинот на Самитот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, истакна дека единствен пат кон мирот и просперитетот во регионот е патот на соработката, партнерството, на владеењето на законите и човековите права и слободи.
Европа денес, според бугарскиот претседател се соочува со рекорден број кризи, кои имаат силно влијание врз нашиот регион, и посочи дека само заедно можат да се најдат правилни решенија.
„Нашиот регион е незаобиколлив фактор на геополитичката сцена, а земјите од регионот се посилни, поконкуретни, поатрактивни за инвеститорите и можат да осигураат мир и просперитет за своите народи,“ рече Плевнелиев.
Тој посочи дека пред 20 години БДП-то на земјите во ЈИЕ беше 440 милијарди евра, а денеска тој е трипати повеќе. Доколку се одржи ова темпо на развој, по пет години БДП-то на регионот ќе достигне 1.600 милијарди евра, а тоа како регион ќе не стави во групата на првите десет светски економии.
Европската интеграција на регионот помогнала многу за соработка во регионот, но и за други развојни цели како изградба на инфраструктура, трговија и развој, производство.
На самитот, чиј домаќин е бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, учествуваат и претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Хашим Тачи, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на Романија Дацијан Циолош, заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и на генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.
Земјите членки на Процесот се очекува денеска да усвојат јубилејна декларација по повод дваесетгодишнината, која треба да ја отслика улогата на ПСЈИЕ како клучен политички формат за одржливо партнерство во Југоисточна Европа и водечка платформа за европска и евроатлантска интеграција. Лидерите разменуваат мислења за регионални прашања, за демократијата, за безбедноста, за миграцијата, за енергетската сигурност, евроатланската интеграција, а ќе биде отворена и изложба на фотографии – „20 години ПСЈИЕ”.
Формирањето на ПСЈИЕ се случи во Софија во 1996 година, кога е усвоена Декларација за добрососедски односи, стабилност, сигурност и соработка на Балканот.