Со блескава изведба на претставата „Фортуна“ означен почетокот на театарскиот фестивал „Вдиши театар“

Синоќешната „Фортуна“ ги разбранува срцата и ги исполна градите на бројните охриѓани и гости кои вдишаа театар на сцената во предворјето на црквата Св.Софија. Со блескава изведба на претставата „Фортуна“, театарската група при Црвен крст Охрид, го означи почетокот на овогодинешниот меѓународен младински театарски фестивал ВДИШИ ТЕАТАР, кој во организација на Црвен крст Охрид по трет пат се реализира во Охрид, од 1-4 јуни.

Под менторство на авторите на оваа претстава Маре Ристеска и Весна Терзиоска, младите талентирани актери-аматери на вешт начин, преку бројни комични сцени, ја пренесоа животната приказна за младата охриѓанка Петранка Колеска која притисната меѓу традицијата и љубовта, сепак успева да си ја сочува честа пред охридските чашитски очи…

Свое учество на отворањето на фестивалот имаа и волонтерите од Црвен крст Суботица, Србија со музичко сценски перформанс преку кој на креативен начин ги прикажаа седумте принципи на кои се темели мисијата на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

На втората вечер од ВДИШИ ТЕАТАР, вечерва во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 ч. ќе се претстави театарската група на Црвен крст Крагуевац со претставата „Рингишпил“.