Република Македонија беше домаќин на неколку настани со кои се одбележа големиот јубилеј – 10 години од постоењето на оваа значајна меѓународна организација. Во рамките на одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј, имавме можност за првпат да ја востановиме и наградата „ЖИВА“ за најдобар словенски музеј, беше отворена и изложбата „100 години театар во Скопје“ на Националниот музеј од Белград, а одбележувањето го заокруживме со свечен концерт на кој беше претставено нематеријалното културно наследство на словенските земји …
Во Цетиње, Црна Гора, вчера и денеска (3 и 4 јуни) се одржува 14-тата редовна седница на Управниот одбор на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“. Претставник од Република Македонија е Лидија Топузовска, која е и претседател на Програмскиот совет на оваа еминентна фондација чија цел е промоција и афирмација на особеностите на словенските народи.
На седницата стана збор за стратегискиот план на „Форумот на словенските култури“ за периодот од 2017 до 2021 година, а формално беше констатирано и завршувањето на мандатот на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која во изминатите четири години ја извршуваше функцијата – претседател на Управниот одбор на оваа меѓународно етаблирана фондација. За нов претседател на Управниот одбор на „Форумот на словенските култури“ е назначен министерот за култура на Црна Гора , Павле Горановиќ.
Назначувањето на министерката за култура Канческа-Милевска за претседател на Управниот одбор на оваа фондација беше од огромна важност бидејќи овозможи Република Македонија уште поактивно да учествува и да дава свој придонес во решавањето на заедничките предизвици на „Форумот на словенските култури“.
Меѓу позначајните проекти кои Министерството за култура ги реализираше со „Форумот на словенските култури“ се континуираната имплементација на проектот „100 словенски романи“, патувачката изложба „Историјата на словенските градови низ архивските материјали“, потоа проектите со кои се одбележува денот на сесловенската култура во седиштето на УНЕСКО, организирањето на семинари од доменот на музејската дејност, како и низа други активности што се реализираа во рамките на Форумот на словенските култури.
Во нашата земја се одржа и семинарот на тема „Театарската музеологија во 21 век“ кој, во присуство на повеќе еминентни експерти и стручни лица од областа, овозможи да го презентираме идејниот концепт на нашиот нов виртуелен музеј, но и да размениме искуства во однос на историските реконструкции во музејот, употребата и искористувањето на новите технологии во постојаните музејски изложби, како и дигиталната содржина на музејските поставки.
Република Македонија беше домаќин на неколку настани со кои се одбележа големиот јубилеј – 10 години од постоењето на оваа значајна меѓународна организација. Во рамките на одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј, имавме можност за првпат да ја востановиме и наградата „ЖИВА“ за најдобар словенски музеј, беше отворена и изложбата „100 години театар во Скопје“ на Националниот музеј од Белград, а одбележувањето го заокруживме со свечен концерт на кој беше претставено нематеријалното културно наследство на словенските земји.
Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ е формирана пред 12 година со идеја за создавање цврсти врски меѓу словенските народи и нивните култури, а благодарение на одличната регионална соработка, денес во светот се препознава како референтна глобална платформа за интеркултурен дијалог, за зачувување на културните традиции на словенските народи како трајни и универзални вредности во глобални рамки.