Интегрален текст од прес конференција на Никола Попоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
„Почитувани претставници на медиумите,
Во однос на денес искажаните ставови на СДСМ, би сакале да го споделиме со вас партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ.
Охрабрува фактот дека СДСМ конечно е свесен дека деструктивна политика наидува на се поголема осуда од граѓаните. Останува очигледно дека партијата сеуште нема покажано капацитет да излезе од агонијата и конечно да почне со конструктивна политика, во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
Останува и впечатокот дека се работи за единствената опозициска партија која бега од избори, кои меѓу другото сама ги побарала. А воедно бегството од избори го прославува исто како изборна победа. Тоа е класично одбегнување од соочувањето со граѓаните.
Во такви услови, се продолжува со функционирање според деструктивното мото – “колку полошо за државата и за народот, толку подобро за партијата”. Ова е погрешен концепт и треба сите кои го промовираат, да се соочат сами со себе, пред да се соочуваат со Македонија.
Во однос на барањата кои денес ги изнесе господинот Зоран Заев – ВМРО ДПМНЕ сака јасно да порача дека избори се прифатливи во секој термин, но нема да дозволиме државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни.
За ВМРО ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори. Сепак, премногу пати во минатото беше погазен дадениот збор, така што овој пат ќе мора да покажат дека се сериозни во врска со одржувањето на изборите и дека тоа навистина го посакуваат.
Во оваа насока меѓу гаранциите кои ќе треба да ги понуди Социјал-демократскиот Сојуз на Македонија е потврда дека избирачкиот список е прочистен и дека во периодот кој следи посветено ќе работат на подигање на довербата во Избирачкиот список, за кој сакаме да нагласиме дека не беше спорен за ВМРО ДПМНЕ.
Дури откако ќе биде исполнет овој основен услов, како и останатите услови поврзани со одржувањето на изборите, односно откако СДСМ ќе констатира дека се исполнети условите за одржување на фер, слободни и демократски избори, подготвени сме да разговараме околу желбата да се биде дел од Владата.
Во однос на останатите услови кои ги побара лидерот на СДСМ, ставот на ВМРО ДПМНЕ е исто така јасен. Секој има право да го изнесе својот став или видување на мирен и демократски начин. Ние тоа право секогаш ќе го штитиме. Но да нема никакви дилеми – Законите треба да важат подеднакво за сите, вклучувајќи ги и оние кои оштетуваат одбележја, палат или вандализираат институции, воедно нанесувајќи огромна материјална штета. Секој што уништувал јавен имот, треба да одговара за несоодветни постапки.