Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Јоханес Хајндл

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Хајндл разменија мислења за актуелните случувања на политички план во Република Македонија, како и за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

Амбасадорот Хајндл ја поздрави и упати честитки за одлуката на претседателот Иванов за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, со што се отвори можност за фокусирање кон обврските од договорот од Пржино.

На средбата претседателот Иванов изрази очекување дека неговата одлука ќе придонесе за надминување на политичката криза.

Во таа насока, двајцата соговорници се согласија за потребата за спроведување на обврските од договорот од Пржино, како и неопходните реформи, кои се единствениот начин за излез од политичката криза.

„Нема повеќе место за алиби, изговори и избегнување на обврските од договорот од Пржино. Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата”, рече претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници разменија мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.